Женскиот младински хор при Младинскиот културен центар во Скопје, под водство на маестро Сашо Татарчевски, во јуни имаше успешен настап на два реномирани меѓународни фестивали.

На веќе традиционалниот фестивал „Вокс лихнидос” во Охрид, во безвременската катедрална црква „Света Софија“, хорот настапи на 20 јуни со интересна програма составена од квалитетни хорски аранжмани на џез и популарна музика. Освен Женскиот младински хор при МКЦ, на фестивалот учествуваа уште два македонски хора, како и 4 хорови од Србија и Словенија.

– Веќе од 25 до 28 јуни, по специјална покана на домаќините, нашиот хор учествуваше и на меѓународниот фестивал „Нека биде лето“ во Бургас, Бугарија. На овој голем настан, хорот се претстави со 3 различни програми на три концертни настапи. Од македонските автори беа застапени Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски, а беа изведени и композиции од Хоги Кармајкл, Оливер Худ, Харолд Арлен, АББА, Џони Мерсер, Ричард Роџерс и други, велат организаторите.

Освен самостојните настапи, девојките од хорот учествуваа и во ателје на кое се работеа две нови композиции заедно со сите останати учесници. Овие композиции ја имаа својата премиерна изведба на гала-концертот организиран на крајот од фестивалот. Настапите на Женскиот младински хор при МКЦ се одвиваа во големиот летен театар во морската градина на Бургас, како и во новиот културен центар на градот. Како и секогаш, реакциите и коментарите на публиката и на другите учесници на настаните каде што учествува Женскиот младински хор при МКЦ, се во суперлативи.

Овој интензивен период хорот ќе го заврши на 4 јули, со настап во рамки на фестивалот „Драган Шуплевски“, кој оваа година се одржува во музејот на Македонската борба за самостојност во Скопје.

 

ИЗДВОЕНИ