Факултетот за драмски уметности – Скопје и Факултетот за музичка уметност – Скопје го промовираат новиот, дванаесетти број на меѓународното научно списание за изведувачки уметности „Арс академика“, кое веќе единаесет години претставува значајна академска платформа за научни истражувања и теориски промислувања од областа на театрологијата, музикологијата, драматологијата, филмологијата, танцовите и на визуелните уметности. Списанието е основано по заедничка иницијатива на проф. д-р Ана Стојаноска и проф. д-р Соња Здравкова-Џепароска, со цел да се поттикне интердисциплинарниот пристап во истражувањето на изведувачките уметности и да се афирмира македонската научна мисла во поширок меѓународен контекст. Промоцијата ќе се одржи на 16 ноември во 12:00 часот, на ФДУ.
Дванаесеттиот број на „Арс академика“ им е посветен на современите трансформации на уметничкото творештво, со фокус на мултимедиумските практики, дигиталните технологии и на вештачката интелигенција. Преку различни теориски и истражувачки пристапи, трудовите ги преиспитуваат промените во уметничките форми, творечките методологии и разбирањето на авторството во современиот технолошки и културен контекст.
Во новото издание се застапени авторите: Марија Апчевска- Петровска, Мимоза Куршумлија, Ѓорче Ставрески, Никола Настоски, Милчо Узунов, Илија Циривири, Ангел Спироски и Биљана Тануровска-Ќулавковски.
Со своите интердисциплинарна концепција и двојазично издание на македонски и на англиски јазик, „Арс академика“ продолжува да ги поттикнува научниот дијалог и критичкото промислување на актуелните процеси во изведувачките уметности.
Списанието е достапно и во електронска форма.












