Наградата во категоријата „Европско откритие“, која се доделува во соработка со Европската федерација на филмски критичари (FIPRESCI), ги афирмира најталентираните нови европски авторски гласови. Вклучувањето на „17“ во оваа ексклузивна селекција е огромно признание за авторскиот тим, но и пошироко – за целокупната македонска култура
Долгометражниот македонски игран филм „17“, дебитантско остварување на режисерката Косара Митиќ, во продукција на „Црна мачка продукција“ и Томи Салковски, официјално е номиниран во категоријата „Европско откритие – награда ФИПРЕСЦИ“ за 39. издание на престижните Европски филмски награди во 2027 година. Номинацијата е уште една потврда за уметничката тежина и за автентичноста на филмот „17“, кој е и македонски кандидат за „Оскар“, во категоријата за најдобар меѓународен филм.
По светската премиера на Берлиналето, триумфот на Ерусалимскиот филмски фестивал и на „Сараево филм фестивал“, како и неодамнешната скопска премиера во рамките на „Скопје филм фестивал“, филмот продолжува да ги освојува меѓународната филмска критика и публиката.
Наградата во категоријата „Европско откритие“, која се доделува во соработка со Европската федерација на филмски критичари (FIPRESCI), ги афирмира најталентираните нови европски авторски гласови. Вклучувањето на „17“ во оваа ексклузивна селекција е огромно признание за авторскиот тим, но и пошироко – за целокупната македонска култура.
Инаку, филмот ја следи седумнаесетгодишната Сара, која поаѓа на училишна екскурзија, криејќи тајна за која никој не знае. Кога ќе излезе екскурзијата од контрола и таа станува сведок на сексуално насилство врз нејзината соученичка Лина, тие ќе се поврзат засекогаш. Приказната ги истражува тишината, траумата, изолацијата и женската солидарност, а е инспирирана од вистински настани.
Како дел од трката за победничките признанија, во периодот што следува ова остварување ќе биде претставено преку специјални кинопроекции и презентации пред членовите на Европската филмска академија во европските културни центри. Гласањето ќе се одржи во периодот од 14 декември 2026 година до 7 јануари 2027 година, додека свечената церемонија на доделување на Европските филмски награди е на 16 јануари 2027 година, во Атина, кога официјално ќе бидат соопштени победниците во сите категории.
Со оваа европска номинација и статусот на официјален македонски кандидат за наградата „Оскар“, филмот „17“ ја потврдува својата исклучителна уметничка вредност, истовремено служејќи како вистински амбасадор на новата генерација македонски авторки на меѓународната филмска сцена.
Меѓународната федерација на филмски критичари е глобална мрежа на професионални филмски критичари и филмски новинари од повеќе од 80 земји. Основана во 1925, а официјално воспоставена во 1930 година, нејзината главна мисија е поддршка на филмот како автономна уметничка форма, од културни, а не од комерцијални или политички причини, со фокус на поттикнувањето на новото и на младинското филмско творештво. Преку независни жирија на над 80 акредитирани меѓународни филмски фестивали, меѓу кои и оние во Кан, Венеција, Берлин и во Торонто, ФИПРЕСЦИ ја доделува престижната награда ФИПРЕСЦИ на филмски остварувања со исклучителна уметничка вредност.
Европските филмски награди, пак, се доделуваат секоја година од 1988 и ги обележуваат најголемите достигнувања во европската кинематографија. Избрани преку гласање на 5.700 членови на Европската филмска академија, наградите оддаваат признание за врвни уметнички и технички остварувања во 22 категории, вклучувајќи играни, документарни, анимирани и краткометражни филмови, кои кулминираат со престижна годишна церемонија што се одржува во избраниот европски град домаќин.
Филмот „17“ е македонско-српско-словенечка копродукција, финансиски поддржана од македонската Агенција за филм, Филмскиот центар на Србија, Словенечкиот филмски центар и „СЕЕ Синема Нетворк“. Сценариото е потпишано од Косара Митиќ и од познатиот хрватски автор, Огњен Свиличиќ. Продуцент на филмот е „Црна мачка продукција“, во копродукција со „Арт енд попкорн“ од Србија и „Децембер“ од Словенија, а меѓународната продажба на филмот ја работи „Tотем филмс“ од Франција. (Д. Т.)












