Изложбата „Мал формат / Миниартура“ на Друштвото на ликовните уметници на Македонија, ДЛУМ, која ќе биде отворена утре (16 ноември) во Културно-информативниот центар – КИЦ, Скопје, во 20:30 часот ќе претстави 111 дела на 64 автори. Во рамките на „Мал формат“ ќе бидат изложени 64 дела на 37 автори, а во „Миниартура“ – 47 дела на 27 автори.

„Мал формат“ го насочува вниманието кон уметничкото дело со ограничени димензии, но со неограничен простор за визуелна, концептуална и за емоционална интерпретација. Малата површина овозможува концентрација на ликовниот јазик, при што секои потег, линија, боја, форма и текстура добиваат посебно значење.

Претседателката на ДЛУМ, проф. д-р Јана Манева-Чупоска, истакнува дека изложбата обединува различни авторски пристапи, техники и поетики, потврдувајќи дека форматот не ја ограничува идејата, туку ја засилува нејзината експресивност.

– Делото со помали димензии често создава непосредна и интимна комуникација со набљудувачот, барајќи поголемо внимание и поблизок контакт. „Мал формат“ е простор во кој малото станува значајно – како концентрација на мислата, чувството и личниот уметнички ракопис – вели Манева-Чупоска.

Осврнувајќи се на изложбата „Миниартура“, таа нагласува дека минијатурниот формат ја претставува уметноста на прецизноста, концентрацијата и вниманието кон детаљот. Ограничената димензија, според неа, отвора можности за суптилност, истражување на формата, линијата, бојата, светлината и на текстурата.

Особената вредност на изложбата „Мал формат 2026“, според проф. д-р Маја Рауник-Кирков, претседателка на Уметничкиот совет на ДЛУМ, произлегува од коегзистенцијата на различни авторски сензибилитети, техники и поетики.

– „Мал формат 2026“ е афирмација на уметничката мисла, креативната слобода и на способноста преку минимална физичка форма да се презентираат комплексни естетски, емотивни и концептуални содржини – посочува Рауник- Кирков.

Зборувајќи за „Миниартура“, таа истакнува дека минијатурните дела го менуваат ритамот на гледање, поттикнувајќи побавно набљудување, приближување и откривање на нивните визуелни слоеви.

Според неа, минијатурата не значи ограниченост, туку претставува простор на интензивно и промислено уметничко истражување, во кој малите димензии ѝ отвораат неограничени простори на имагинацијата.

Изложбата ја афирмира уметноста на суптилното присуство – онаа што не ја наметнува својата големина, туку го освојува вниманието со внатрешната комплексност, поетичноста и со изразната моќ.

ИЗДВОЕНИ