четврток, јули 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Граѓаните да пријават штети од невремето

Граѓаните да пријават штети од невремето

106

Општина Куманово ги известува граѓаните што претрпеле штета по обилните врнежи од дожд во текот на вчерашниот ден, да поднесат барање до комисијата за процена на вредноста на штета од природни несреќи и други непогоди, во архивата на Општина Куманово, најдоцна до 10.7.2026 година.

Од Општината информираат дека во прилог на барањето, потребно е да се достави: копија од личен документ (лична карта) за физичките лица или решение (или тековна состојба од регистрација во Централниот регистар) за правните субјекти, сопствениците на имотот, потоа копија од имотниот лист за објектите што имаат претрпено оштетување од поплави, како и копија од трансакциската сметка на сопственикот.

– Доколку придружната документација не биде доставена во прилог при поднесувањето на барањето, претставниците од комисијата ќе ги информираат барателите за дополнување на истото, при увид на самото место – соопштија општинските власти.

Покрај Скопје, и Куманово беше најпогоден град од силното невреме вчера. Поројните дождови предизвика поплави во повеќе населби во Куманово, при што беа зафатени куќи, деловни објекти, подруми и улици. Надлежните служби со часови работеа на испумпување на водата и на расчистување на последиците.

Според Регионалниот центар за управување со кризи, најголем број пријави се однесувале на навлегувањето вода во станбени и во деловни објекти. На одделни локации, водата во подрумите достигнала и до еден метар, предизвикувајќи значителна материјална штета.

Меѓу најпогодените се улиците „Моша Пијаде“, „Бајрам Шабани“, „Веселин Маслеша“, „Гоце Делчев“ и „11 Октомври“, како и булеварите „Октомвриска револуција“ и „Трета МУБ“. Имало интервенција и на улицата ЈНА, каде што работеле спасувачките екипи на отстранување на надојдената вода.

Во справувањето со последиците биле ангажирани Територијалната противпожарна единица, јавните претпријатија „Чистота и зеленило“ и „Водовод“, како и екипи на ЕВН. По испумпувањето на водата, почнале чистењето на коловозите од кал, песок и од чакал, прочистувањето на шахтите и на одводните канали, а на местата каде што дошло до излевање на фекалната канализација, била спроведена и дезинфекција.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, најави дека ќе продолжат активностите за целосно расчистување и санација на оштетените локации.

 

ИЗДВОЕНИ