На рочиштето во предметот во кој е обвинета поранешната претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, одбрана дадоа обвинетите Биљана Петрова-Мантева и ревизорот Миле Столевски.
Димитровска не даде одбрана, а судскиот процес продолжува со завршни зборови на странките на следното рочиште.
Мантева, вработена во ТЕЦ „Неготино“, изјави дека документите кои преку апликацијата „Ватсап“ ги испраќала до обвинетиот Небојша Стојановиќ, тогашен директор на ТЕЦ „Неготино“, биле дел од нејзините редовни работни обврски.
Од своја страна, Столевски потврди дека во име на Димитровска ја следел онлајн обуката за сертификат „државна тајна“, користејќи корисничко име и лозинка што таа му ги доставила. Тој истакна дека тоа го направил за да ѝ помогне и дека не се чувствува виновен.
„Сакам да нагласам дека не сум виновен и не е кривично дело да се помага кога е потребна помош“, рече Столевски.
Димитровска е обвинета за оддавање службена тајна на Стојановиќ, обвинет во предметот „Адитив“, како и за злоупотреба поврзана со добивање сертификат за пристап до класифицирани информации. Одбраната и понатаму тврди дека во случајот не станува збор за службена тајна, наведувајќи дека дел од материјалите и седниците на Антикорупциската комисија се јавно достапни.












