четврток, октомври 29, 2026
Дома СВЕТ Шпанија отвора четири центри за земање ДНК примероци, продолжува потрагата по исчезнати...

Шпанија отвора четири центри за земање ДНК примероци, продолжува потрагата по исчезнати по железничка несреќа

35
EPA/ISMAEL HERRERO

Шпанската Граѓанска гарда одреди четири локации – во Мадрид, Толедо, Севиља и Кордоба – за пријавување исчезнати лица и земање ДНК-примероци по железничката несреќа во Урда.

Во рамките на овие командни центри се формирани канцеларии за собирање „анте-мортем“ податоци (информации за поединецот пред неговата смрт). За координирање и обработка на овие пријави се задолжени Единицата на судската полиција и Службата за психолошка поддршка при Граѓанската гарда, пренесува RTVE.

Сродници од прв степен на исчезнато лице – родители, деца или браќа и сестри – можат да дадат ДНК-примероци за да овозможат генетско совпаѓање со цел идентификација. Локациите се: Мадрид (Calle Batalla del Salado 32, работи 24 часа дневно), Толедо (Avenida Barber 42), Севиља (Avenida de la Borbolla 8) и Кордоба (во Покраинската команда, со влез од страната на Avenida de los Mozárabes).

Граѓанската гарда апелираше до граѓаните да не одат на местото на несреќата, со цел да се избегне метеж и да се овозможи непречен пристап. За да се олесни идентификацијата, од семејствата се бара да достават лични документи и за исчезнатото лице и за лицето што поднесува пријава, неодамнешни фотографии, детали за физичките карактеристики – како што се тетоважи, лузни и бемки – информации за стоматолошки или медицински протези, како и опис на облеката што исчезнатото лице ја носело во моментот на патувањето.

Денеска во Шпанија започна тридневна жалост по железничката несреќа во Урда, во која животот го загубија најмалку 68 лица, а најмалку 180 се повредени.

Општинските совети низ целата земја им оддадоа почит на жртвите со едноминутно молчење во 20:00 часот, додека операциите за пребарување и спасување продолжуваат на местото на несреќата, објави RTVE. Во Мадрид, Каталонија, Андалузија, Кастилја и Леон, Астурија, Канарските Острови, Кантабрија, Арагон и други делови од земјата беа одржани оддавања почит, по иницијатива на Шпанската федерација на општини и провинции.

ИЗДВОЕНИ