Со презентирање снимки од полициската акција, обвинителката Искра Хаџи Василева откри дека таткото на обвинетиот судија Ѓоко Ристов, на истражителите кои правеле претрес во куќата во Неготино, барајќи ги парите, им кажал дека неговиот син го користел просторот на вториот кат. Парите биле завиткани во фолија да не ги изедат глувци, во 13 парчиња со вкупно 610 банкноти во апоени од 200 и 500 евра, скриени во шуплина зад кујнски ѕид. При претресот биле запленети и рачно напишани белешки со пресметки на износите, во тефтер на кој пишувало „Здружение на судии“.
Одбраната на обвинетиот судија се спротивстави да се презентира вештачењето од биолошките траги на белешките и фолиите и побараа вештакот лично да ги презентира наодите.
Обвинителството пред судот презентираше и податоци од ДКСК за имотната состојба на Ристов и на неговата сопруга Симона Зориќ-Ристова, државна правобранителка. Беа приложени имотни листови од 2008 и 2021 година со податоци за недвижности, возила, акции и кредити. Посебен дел од доказите се однесуваше на кредит за стан во Охрид, земен преку „Охридска банка“ и поврзан со фирмата „Алма комерц“ на Љупчо Пецов-Ѓаволот, за кого пред апсењето обвинетиот Ѓоко Ристов одлучуваше како апелационен судија за неговиот притвор, а го судел и претходно како судија во Основниот кривичен суд Скопје. Станот подоцна бил префрлен на таткото на сопругата, Ивица Зориќ.
Во судницата беа презентирани и податоци за платите на обвинетиот и неговата сопруга, судијата навел дека земал 1000 евра, а сопругата нешто повеќе. Во анкетниот лист навел дека има стан на булевар „Јане Сандански“ во Скопје и возило „пасат“, а за сопругата „опел астра“ и два кредита од вкупно три милиони денари.
Дополнително, беа изнесени 4 судски одлуки од 2017 и 2021 година поврзани со Пецов, во кои Ристов одлучувал во негова корист, како и видеоснимки од средби меѓу Ристов и поранешниот државен правобранител Фехми Стафа, кој претходно призна вина во поврзан предмет за примање поткуп. Обвинителката презентираше дека во 2017, обвинетиот Ристов одлучувал по жалба поднесена од осудениот Љупчо Пецов, која ја уважува и го преиначува решението во негова полза, а подоцна кога станува апелационен судија, пак одлучувал за Пецов. На снимките, јавноста гледаше како во апелација, во неговата канцеларија, Ристов го пречекуваше Стафа, адвокатот на Љупчо Пецов, осуден за митото што го барал од сестрата на обвинетиот. Таа го пријави Стафа за примање поткуп, пари кои тој тврдел дека му ги давал на судијата Ристов да одлучи во корист на нејзиниот брат. Стафа ја призна вината, беше осуден и така се „ одмота клопчето“ за поведението на апелациониот судија Ристов.
Обвинетиот Ѓоко Ристов на претходното судење изјави дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар тврдејќи дека неговата одбрана ќе докажува оти парите им припаѓаат на неговите родители. (П. А.)












