Струмичките пожарникари во неделата успешно спасија мајка и дете што паднале во бездна покрај трим-патеката што води кон манастирот „Свети Илија“.
Од Територијалната противпожарна единица Струмица информираат дека спасувачката акција почнала околу 5:15 часот, кога бил испратен тим од пожарникари спасувачи на местото на настанот. По пристигнувањето на местото на настанот, пожарникарите со употреба на соодветна спасувачка опрема успешно ги извлекле двете лица од непристапниот терен и ги предале на екипа на Итната медицинска помош за понатамошен преглед и згрижување.
Од ТППЕ Струмица информираат дека благодарение на брзата професионална и координирана реакција на спасувачките екипи, интервенцијата успешно завршила.
Од единицата апелираат до граѓаните што ги користат трим-патеките и планинските патеки да бидат особено внимателни, особено во раните утрински и во ноќните часови, при движење по стрмни и непристапни делови на теренот.












