Откако во јавноста се крена прашина околу можните промени во пензискиот систем, премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Владата не планира да го укине вториот пензиски столб. Сепак, дебатата не стивнува, а многумина се прашуваат што ќе биде со парите што со години ги издвојуваат за својата пензија.
Мицкоски е дециден дека Владата нема таква намера.
– А кој најавил дека ќе има укинување на вториот столб, не разбирам?… Јас можам да зборувам од името на Владата. Таква најава од името на Владата нема – изјави премиерот Христијан Мицкоски.
Дебатата се отвори откако најави в дека ќе се прави пензиска реформа и предупреди дека дел од осигурениците би можеле непријатно да се изненадат кога ќе видат колкави средства имаат на своите сметки. Дополнителна загриженост предизвика и гувернерот Трајко Славески, кој оцени дека дел од граѓаните што ќе се пензионираат меѓу 2030 и 2032 година би можеле да добиваат пензии пониски од минималната.
Од Асоцијацијата на друштва за управување со пензиски фондови (АДПФ) велат дека нема место за паника и дека средствата во вториот столб се лична сопственост на секој осигуреник.
– Она што е важно е граѓаните да знаат дека средствата во вториот столб се личен имот, тие се наследуваат и имаат висок степен на заштита – изјави претседателот на АДПФ, Маријан Николовски.
Тој потенцира дека вториот столб е создаден за да го растовари државниот пензиски фонд, кој со години се соочува со недостиг на пари.
– За да може државниот фонд сам да функционира, на еден пензионер треба да има најмалку тројца вработени што плаќаат придонеси. Денес сме далеку од тој сооднос и затоа дел од пензиите се покриваат од државниот буџет. Вториот столб беше воведен токму за да помогне системот да биде поодржлив – рече Николовски.
Според него, шест проценти од бруто-платата на осигурениците се уплаќаат на личните сметки, каде што се инвестираат средствата и остануваат сопственост на граѓаните. Од АДПФ предупредуваат дека евентуално префрлање на тие пари во државниот фонд не би било трајно решение.
– Средствата од вториот столб не се државни, туку лични средства на осигурениците. Доколку би се префрлиле во ПИОМ, тие би се потрошиле за една и пол до три години, а потоа повторно би се појавил истиот проблем – велат од Асоцијацијата.
Од пензиските друштва сметаат дека наместо да се отвора прашањето за укинување на вториот столб, треба да се модернизира системот.
– Вториот пензиски столб е стабилен и доверлив механизам за долгорочно пензиско штедење. Просечниот принос е над 5,5 проценти годишно, а средствата се инвестираат внимателно и под строг надзор – изјави заменик-претседателката на АДПФ, Весна Стојановска.
Од АДПФ предлагаат воведување таканаречени мултифондови, со кои помладите осигуреници би можеле да остварат повисоки приноси, како и поголема употреба на доброволното пензиско осигурување. Пораката од Асоцијацијата е дека идната пензија најмногу зависи од тоа колку долго работел човекот, дали му биле уплаќани придонеси на реалната плата и колку време биле вложувани неговите средства, а не од тоа дали е член на вториот пензиски столб.
Економскиот истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Бранимир Јовановиќ, во последните недели изнесе неколку јасни става за вториот пензиски столб. Неговата позиција е покомплексна отколку што често се пренесува во јавноста. Тој не е за укинување на вториот столб, туку смета дека треба да се реформира. Според него, јавната дебата се води околу погрешни теми.
Јовановиќ смета дека главниот проблем на реформата од пред околу 20 години е што државата практично ги субвенционира приватните пензиски фондови преку придонесите, а тие остваруваат значителен дел од приносите од вложувања во државни обврзници. Тој предлага да остане вториот столб, но да се размисли за промена на моделот, на пример: приватните пензиски фондови да не инвестираат во државни хартии од вредност; ако државата некогаш ги преземе фондовите, тие и понатаму да функционираат како инвестициски фондови, но во државна сопственост.
Во врска со актуелната дебата, Јовановиќ предупреди дека евентуално преземање на средствата од приватните пензиски фондови може да биде краткорочно олеснување за буџетот, но би претставувало товар за идните генерации. Исто така, смета дека не треба лесно да се зголемува старосната граница за пензионирање, бидејќи животниот век по пензионирањето во Македонија е меѓу најниските во Европа.
Во меѓувреме, ПИОМ го објави полугодишниот извештај, според кој се зголемил бројот на пензионери за шест месеци за 1.876 лица. Фондот остварил приходи од над 77 милијарди денари (околу 1,25 милијарди евра), додека расходите достигнале речиси 72 милијарди денари (околу 1,17 милијарди евра). И покрај тоа, државниот пензиски фонд и понатаму во голем дел зависи од парите од буџетот за редовна исплата на пензиите.
За посмртна помош на семејствата на 8.189 починати пензионери, од Фондот се исплатени 317,6 милиони денари (околу 5,16 милиони евра). Овие податоци се дел од полугодишниот извештај за работата на Фондот. Директорот на Фондот, Никола Мемов, оцени дека во првата половина од годината е забележано подобрување во работењето, особено во навременото решавање на предметите, кои сè почесто се завршуваат во законски утврдените рокови. Според директорката на Секторот за финансии, Фатиме Неџипи, финансиските резултати се обезбедени преку придонесите, средствата од државниот буџет, приходите од акцизи, другите неданочни приходи, како и пренесените средства од 2025 година, во износ од 1,83 милијарди денари (околу 29,7 милиони евра).
Во Европа пензијата сè подалеку: ќе се работи речиси до 67 години, а во Данска и до 74
Ако досега многумина сметаа дека пензијата е заслужен одмор по долгиот работен век, во иднина ќе треба уште малку да почекаат. Во најголем дел од Европа, границата за пензионирање ќе продолжи да се поместува нагоре, а според најновите проекции, до крајот на 2060-тите просечната возраст за пензија ќе достигне речиси 67 години.
Анализата на „Евроњуз“, повикувајќи се на извештајот „Пензиите на прв поглед 2025“ на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), покажува дека две третини од европските земји ќе ја зголемат старосната граница за мажите, а кај жените тоа ќе го направат дури три четвртини од државите. Во просек, мажите ќе работат уште околу две години подолго, а жените речиси три години повеќе отколку денес.
Главната причина е што старее Европа. Сè помалку млади работат, а сè повеќе луѓе заминуваат во пензија. Според ОЕЦД, токму затоа многу влади се одлучуваат да ја зголемат старосната граница наместо да ги намалуваат пензиите или да ги покачуваат придонесите.
Бројките покажуваат дека до 2050 година, на секои 100 работоспособни лица ќе има 52 жители постари од 65 години. За споредба, годинава тој број е 33, а во 2000 година бил само 22. Најдалеку оди Данска. Според сегашните проекции, таму граѓаните би можеле да се пензионираат дури на 74 години. Веднаш зад неа е Естонија со 71 година, додека Италија, Холандија, Шведска и Кипар ќе ја поместат границата на 70 години.
Од друга страна, се очекува најниска старосна граница за мажите да имаат Словенија и Луксембург – 62 години, а кај жените Полска ќе остане со пензионирање на 60 години. Најголемата промена ја очекува Турција. Таму мажите наместо на 52 години, ќе заминуваат во пензија на 65 години, што е зголемување од цели 13 години. И кај жените ќе има голем скок – од 49 на 63 години. Во Германија и во Франција, пак, промените ќе бидат многу помали, додека во Шпанија старосната граница за пензионирање на жените ќе остане непроменета – 65 години.
Во дел од европските земји, идната пензиска возраст ќе зависи и од тоа колку долго живее населението. Тоа значи дека ако продолжи да расте животниот век, можно е и границата за пензионирање дополнително да се поместува.
(С. Бл.)












