– „Еуролинкс“ е платформа што ги спојува научниците од Европа со иста пасија и научна цел: проучување на рисот. Ова е можност да се споделат новите истражувања од областа и да се оствари соработка од поголеми размери, со фокус на цели популации на рисот. Така значително се збогатуваат сознанијата и се стекнува подетална слика за трендовите и за поврзаноста меѓу популациите на континентално ниво – соопштија од МЕД
Бројни странски и регионални проучувачи на рисот во Европа ќе се сретнат во Вевчани, каде што од 12 до 14 октомври ќе се одржи деветтата средба на „Еуролинкс“, во организација на Македонското еколошко друштво (МЕД).
„Еуролинкс“ претставува европска научна иницијатива за споделување податоци и знаење за екологијата на движењето на евроазискиот рис, основана во 2018 година. Замислена како просторна база на податоци, „Еуролинкс“ ги чува податоците за евроазискиот рис (Lynx lynx), што засега ги споделуваат 42 групи од 19 земји. Меѓу нив е и Македонското еколошко друштво (МЕД), кое преку Програмата за закрепнување на балканскиот рис веќе 20 години работи на зачувување на овој загрозен подвид на евроазискиот рис.
– „Еуролинкс“ е платформа што ги спојува научниците од Европа со иста пасија и научна цел: проучување на рисот. Ова е можност да се споделат новите истражувања од областа и да се оствари соработка од поголеми размери, со фокус на цели популации на рисот. Така значително се збогатуваат сознанијата и се стекнува подетална слика за трендовите и за поврзаноста меѓу популациите на континентално ниво – соопштија од МЕД.
Инаку, средбата е од затворен карактер и е наменета само за членовите на „Еуролинкс“.
– Тоа што МЕД е домаќин на ваков настан е афирмација на нашата долгогодишна научноистражувачка работа, но и признание од научната фела дека нашата организација е дел од една поголема заедница на научници – вели Александар Павлов, биолог што е во тимот на МЕД кој работи на закрепнување на балканскиот рис.
Податоците што се достапни преку овој отворен информациски систем, овозможуваат да се истражи однесувањето на рисот во неговите живеалишта и да се евидентира како реагираат неговите популации на промената на живеалиштата, на разните човекови активности, густината на пленот или на методите на одгледување добиток. Со оглед на тоа што пристигнуваат вакви теренски поткрепени информации од повеќе земји, „Еуролинкс“ дава одлична основа за компаративни теориски и применети истражувања за однесувањето и за екологијата на рисот на европско ниво.
Евроазискиот рис е голем грабливец од семејството на мачките (Felidae) и е најголем од шесте вида во родот Lynx. Благодарение на својот широк ареал и стабилните популации низ Евроазија, на црвената листа на загрозени видови на Меѓународната унија за зачувување на природата, тој спаѓа во категоријата „најмала загриженост“ (LC). Меѓутоа, одредени изолирани популации во Централна Европа поединечно се сметаат за загрозени, како што е и популацијата на балканскиот рис што денес населува мала површина од Балканскиот Полуостров. Иако евроазискиот рис се има вратено во некои од своите историски живеалишта, сепак, не е имун на човечките активности. Меѓу најсериозните закани за него се криволовот, губењето и фрагментацијата на живеалиштата и вкрстувањето меѓу блиски сродници во многу мали популации во Централна Европа, што доведува до генетско ослабување на популациите.
(А. П.)












