На настапот, музичарите од „ЏФФ Литл биг бенд“ ја кренаа публиката на нозе кога изведоа неколку композиции меѓу присутните, а таа, на крајот, ги награди со стоечки овации и долготрајни аплаузи. „ЏФФ Литл биг бенд“ е проект кој директорот и основач на фестивалот „Џез-фактори“, Сашо Поповски, одлучи да го направи заедно со Тони Китановски пред две години. Овој биг бенд, годинава, освен во Петровац, ќе настапи на 25 септември и на Интернационалниот џез-фестивал во Тирана, Албанија

„ЏФФ Литл биг бенд“, на само неколку дена пред прославата за 35 години независност на Македонија, беше дел од 20. јубилејно издание на Џез-фестивалот во Петровац, во Црна Гора. Под диригентската палка на реномираниот гитарист, аранжер и диригент, Тони Китановски, „ЏФФ Литл биг бенд“ во Црна Гора го претстави живиот и современ звук на македонскиот џез, со композиции од некои од најзначајните современи македонски џез-автори, а преточени во нови и динамични биг бенд аранжмани. Членови на „ЏФФ Литл биг бенд“ се: Кристијан Џорџевиќ, Христијан Ристески, Иван Клацар, Андреј Максимовиќ, Кори Вилкокс, Александар Ниниќ, Давид Скерлевски, Сашо Поповски, Иван Бејков, Алек Секуловски.
На настапот, музичарите ја кренаа публиката на нозе кога изведоа неколку композиции меѓу присутните, а таа, на крајот, ги награди со стоечки овации и долготрајни аплаузи.

„Публиката беше навистина воодушевена. Многу соработувам со музичарите од Македонија, не само со џез-музичарите туку и со реге, така што тие ми се многу драги гости и секогаш ги канам бидејќи имаат некој свој балкански дух, некоја своја мелодија што продира во порите на луѓето во публиката. Тоа е тој балкански шмек што го имаме и што го чувствуваме, бидејќи кога ќе дојдат Американци, тие имаат свој стил, Италијанците имаат свој, но ние го препознаваме тој балкански стил и квалитет бидејќи сме од Балканот и имаме силна врска со Црна Гора, а секако и со Србија, Босна, Словенија, Хрватска. Секогаш ми е мило кога доаѓаат музичари од Битола и од другите градови“, вели Винко Михајловиќ, директорот на Џез-фестивалот во Петровац.

Инаку, „ЏФФ Литл биг бенд“ е проект кој директорот и основач на фестивалот „Џез фактори“, Сашо Поповски, одлучи да го направи заедно со Тони Китановски пред две години. Го реализираа во рамките на фестивалот „Џез фактори“, со поддршка од универзитетите во Тетово и Штип, бидејќи половина од музичарите во бендот се или професори или сегашни и поранешни студенти. Овој бенд, годинава, освен во Петровац, ќе настапи на 25 септември и на Интернационалниот џез-фестивал во Тирана, Албанија, а следната година го очекуваат уште три фестивали.

„Голема благодарност до џез-фестивалот во Петровац, до публиката и до сите кои придонесоа да се случи оваа прекрасна вечер. Посебна благодарност до Тони Китановски и до сите музичари на ’ЏФФ Литл Биг бенд’ за посветеноста, енергијата и срцето што го донесоа на сцената“, вели Сашо Поповски, директор и основач на фестивалот „Џез-фактори“ (ЏФФ).

Поповски настапува на фестивалот во Петровац од 2010 година.

„Можеби седум или осум пати досега сум бил дел од него и секогаш е како да сум дома. Винко ни е драг пријател, пријател на ’Џез фектори’, пријател од Битола, и секоја година доаѓа на фестивалот и кај нас. Нашето пријателство започна во 2010 година, со мојот прв настап тука, во Петровац, каде што се спријателив со Винко, кој нè запозна со Драган Влајниќ. Во 2011 настапивме во Кикинда и оттогаш се роди желбата за џез-фестивалот во Битола. И некако природно, во 2018 година, успеавме да имаме свој џез-фестивал, бидејќи следната, 2027 година, славиме десет години. Десет, би рекол, интересни години на џез-фестивал во Битола, бидејќи Битола навистина заслужува сериозен џез-фестивал, секогаш го истакнувам тоа, и се трудиме да дадеме најдобро што знаеме и можеме“, додава Поповски.

Mинатата година ЏФФ беше претставен во Кина

„Оваа година повторно ќе го претставиме фестивалот таму пред видни претставници и професионалци од уметничкиот свет, што е многу значајно не само за фестивалот туку и за Битола. Оваа година ќе одиме со поинаков проект, каде што главниот фокус ќе биде ’Џез фактори’ за деца и работата со младите, бидејќи младите се тие што го создаваат светот. И сакаме да го претставиме патот на развојот на ’Џез фектори’, бидејќи почна во 2011 како проект со деца, а потоа се јави потребата да имаме и џез-фестивал. Исто така, не сакам да заборавам дека соработката со Францускиот институт во Скопје е многу важна за развојот на самиот фестивал“, истакнува Поповски.

Тука е и поддршката од Општина Битола, а како нејзин претставник оваа година беше Емилија Сарафска, координатор на проектот „Франција Балкан џез-мрежа“.

„Фестивалот е секогаш дел од годишната програма за култура на Општина Битола. Без тоа, не би можеле да го реализираме фестивалот во овој формат. Народниот театар во Битола е наш партнер веќе десет години, без кој навистина не би можеле да функционираме. И би рекол, публиката, најмногу составена од битолчани, што секоја година доаѓа, навистина го почитува нашиот избор на артисти, и ги радува музичарите со долги аплаузи, за што сум многу среќен бидејќи граѓаните на Битола и сцената во Битола заслужуваат да имаат џез-фестивал од највисоко ниво, а ние се трудиме да го оствариме тоа“, истакнува Поповски.

Претставниците на ЏФФ и Општина Битола се сретнаа и со претседателот на Општина Будва, Никола Јовановиќ, со кого разговараа за идни соработки.

ИЗДВОЕНИ