четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА „Стандард и Пурс“ и „Фич“ го потврдија стабилниот кредитен рејтинг на македонската...

„Стандард и Пурс“ и „Фич“ го потврдија стабилниот кредитен рејтинг на македонската економија

26

Агенциите за кредитен рејтин „Стандард и Пурс“ и „Фич“ го потврдија стабилниот кредитен профил на земјава во полугодишните прегледи, информираат од Министерството за финансии. „Стандард и Пурс“, како што велат, извршила редовен полугодишен преглед на кредитниот рејтинг на РС Македонија, во рамките на календарот за суверени рејтинзи за ЕМЕА (Европа, Блискиот Исток и Африка) регионот.

– Станува збор за стандардна процедура согласно со европската регулатива, при што се врши оцена на тековните економски и фискални показатели, како и на пазарните движења. Во рамките на овој полугодишен преглед не е објавено ново истражувачко ажурирање, што укажува дека клучните фактори што влијаат врз кредитниот рејтинг на државата остануваат непроменети – посочуваат од МФ.

Воедно, додаваат, минатиот месец „Фич“ спровела редовна ревизија на кредитниот рејтинг на државава, при што исходот од разгледувањето е „Review – No Action“, односно нема промена на постојниот кредитен рејтинг и нема да биде објавен посебен извештај.

– Со тоа, двете кредитни агенции го потврдуваат стабилниот кредитен профил на Република Македонија, при непроменети клучни фактори што влијаат врз рејтингот. Во рамките на последните објавени извештаи, „Стандард и Пурс“ го задржа кредитниот рејтинг на државава на нивото „BB-“ со стабилни изгледи, додека „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на „BB+“ со стабилен изглед – потенцираат од МФ.

Според нив, потврдата на кредитните рејтинзи претставува јасен сигнал за стабилноста на макроекономските политики, умереното ниво на јавниот долг и за способноста на државата редовно и навремено да ги сервисира своите финансиски обврски. Воедно, како што велат, таа укажува на континуитет во спроведувањето на економските политики и отпорноста на економијата во услови на зголемена глобална неизвесност.

Според оцените на кредитните агенции, економскиот раст е поддржан од засилените јавни инвестиции, особено во инфраструктурни проекти, како и од растот на потрошувачката на населението.

– Потврдата на рејтинзите од страна на двете водечки меѓународни кредитни агенции претставува значаен сигнал за доверба во економските политики и охрабрување за продолжување на реформите, со цел обезбедување одржлив економски раст и подобар животен стандард за граѓаните – кажа министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.

Кредитниот рејтинг претставува важен индикатор за инвеститорите и за меѓународните финансиски пазари, бидејќи ги одразува нивото на ризик и довербата во економските политики на државата.

ИЗДВОЕНИ