Скопје, значи, не е само град на големи булевари, згради и раскрсници. Тоа е град во кој улиците носат имиња на владетели, херои, соседни држави, историски настани, а понекогаш и броеви што звучат како да се останати од некој недовршен план. И додека едни имиња се лесни за објаснување, други остануваат мали загатки што чекаат некој да ја открие нивната приказна. Затоа, следниот пат кога ќе застанете на семафор или ќе чекате некого пред зграда, фрлете поглед на таблата над вас. Можеби, нема да откриете кој ја именувал улицата, но барем ќе имате тема за муабет. А во Скопје, каде што секој има своја приказна за градот, понекогаш и едно име на улица е доволно да се почне разговор што ќе трае и ќе трае…

Ако тргне човек да го запознава Скопје само преку имињата на неговите улици, може да прошета низ историјата, да се најде во некој далечен град, да се потсети на старите времиња, а на моменти и да се насмее. Оти, рака на срце, не секој ден човек ќе налета на улица што звучи како упатство за планинарење, на име што го потсетува на антички владетел или на сообраќајница што се вика едноставно – „897“.

Скопје е таков град. На прв поглед, улиците се само асфалт, тротоари, семафори и колони автомобили што едвај се движат во шпицот. Ама ако малку подзастанеш и ги прочиташ таблите на аглите, ќе сфатиш дека секоја од нив носи по некоја приказна. Едни имиња се врзани за историјата, други за луѓе што оставиле трага во историјата, трети за места и настани, а четврти едноставно те тераат да се прашаш кој ли решил баш вака да ја крсти улицава.

Еден таков пример е „Пат за Китка“. Самото име звучи како да те пресретнал некој на улица и да ти рекол: „Оди право, па фати по патот за Китка“. Нема тука долги историски титули, датуми или имиња на војсководци. Името веднаш создава слика на пат што води надвор од градскиот метеж, кон природа и планина. Ваквите називи потсетуваат дека градот не е само збир од згради туку и простор што се поврзува со околните населби, ридови и патишта.

А потоа во приказната се појавува и „Гвадалахара“. Името веднаш те носи во Мексико, на илјадници километри од скопскиот асфалт и се прашуваш како се нашол мексикански град во скопската топонимија. Дали стои зад тоа некоја стара приказна, нечија идеја или причина што денес малкумина  знаат за оваа улица што се наоѓа во Шуто Оризари.

Во Скопје има и имиња што звучат како да се излезени од учебник по историја. Таква е улицата „Аминта III“, позната и по старото име „Ленинова“. Ако некој првпат ја слушнал, можеби, си помислил дека станува збор за некаква шифра или за број на автобус. Но, Аминта III бил антички македонски владетел. Од друга страна, старото име „Ленинова“ буди сосема поинакви историски асоцијации. Две имиња, два периоди, а ист град. И токму тука се гледа како понекогаш таблите по улиците раскажуваат повеќе за општеството отколку што можеме да забележиме додека брзаме на работа.

Слична приказна има и улицата „Јустинијан Први“, која порано се викала „Драчевска“. Името на римскиот император звучи свечено, речиси царски, ама на улицата секојдневието си тече по старо. Еден оди на работа, друг брза до продавница, трет бара паркинг, а над нив стои име на владетел од далечното минато. Тоа е една од оние скопски противречности што го прават градот интересен: големата историја и малите секојдневни рутини што живеат на исто место.

Во категоријата имиња што звучат како наслов на историски филм спаѓа и „Македонски кралеви“, улица што порано го носела името „7 Јули“. Тука веќе се отвора прашањето што сакаме да паметиме преку имињата на јавните простори. Дали некој датум, некој политички настан или личности од далечното минато? Повозрасните скопјани знаат или слушнале од своите предци дека во Скопје, како и во многу други градови, се менувале имињата на улиците заедно со времето, политичките околности и со односот кон историјата.

„Костурски херои“, порано позната како „29 Ноември“, е уште еден пример за таа промена. Името носи историска и географска конотација, а старото потсетува на друг период и друг начин на одбележување на минатото. За еден промената, можеби, е сосема природна, за друг е причина да се присети како се викала улицата кога бил дете. Затоа што, колку и да се менуваат таблите, старите имиња често остануваат во говорот на луѓето.

Ако, пак, сакаме да ја видиме и посовремената страна на градската улична мапа, тука е булеварот „Босна и Херцеговина“. Цела една нам блиска држава собрана во едно име, среде скопското секојдневие. Тука се и улицата „Тиранска“, булеварот „Србија“ и булеварот „Хрватска“. Градската мапа, така, станува мал географски атлас, а човек може да направи мала балканска прошетка без воопшто да го напушти градот.

Но, додека за некои историски личности сме учеле на училиште, има и такви чии имиња секојдневно ги изговараме, а малкумина знаат што направиле. Земете ја, на пример, улицата „Адолф Циборовски“. Името на прв поглед може да звучи како на некој случаен странец, но зад него стои полски архитект и урбанист, поврзан со обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 година. Циборовски бил дел од меѓународните стручни напори да се издигне градот од урнатините. Значи, зад таблата не стои само име и презиме туку и потсетник на времето кога светот му подаде рака на Скопје.

Слично е и со имињата на улиците и на булеварите „Киро Глигоров“, „Никола Кљусев“ и „Борис Трајковски“. Тоа не се само адреси што ги кажуваме кога повикуваме такси или објаснуваме каде живееме. Станува збор за личности од поновата македонска политичка историја, чии имиња се впишани во градскиот простор. Но, дали секој што секојдневно вози по булеварот „Киро Глигоров“ знае кој бил првиот претседател на независна Македонија? Дали секој што живее на улицата „Никола Кљусев“ знае дека тој бил првиот премиер на независната држава? Можеби, не. И токму затоа имињата на улиците може да бидат повод за мал час по историја.

На скопската мапа се запишани и имиња на народни херои и борци, како Лазар Трповски, Мирче Ацев, Христијан Тодоровски-Карпош и Веле Марков. Некои од нив се добро познати, други помалку, но сите потсетуваат на времиња во кои луѓето се бореле за идеали, слобода и за политички промени. И тука нема потреба од големи зборови: доволно е човек да се праша кој бил тој по кого е именувана улицата на која живее.

Во градот има и улици што носат имиња на духовни личности. Свети Кирил и Методиј, свети Климент Охридски и свети Наум Охридски се имиња длабоко вкоренети во македонската културна и духовна традиција. А тука се и архиепископ Доситеј, архиепископ Ангелариј и митрополит Теодосиј Гологанов. За едни тоа се само долги имиња на улични табли, но за други тие се потсетник на луѓето што оставиле трага во животот на црквата, образованието и културата и нè потсетуваат на долгото духовно и просветителско наследство.

А кога сме кај имињата што кријат посебна приказна, тешко може да се заобиколи Тафталиџе. По земјотресот од 1963 година, Скопје доби помош од десетици држави. Пристигнуваа пари, градежен материјал, медицинска помош, стручни тимови и готови објекти за живеење. Во годините на обновата, имињата на улиците и населбите станаа начин да се зачува споменот на таа меѓународна солидарност. Затоа на  скопската мапа ги среќаваме „Московска“, „Париска“, „Лондонска“, „Стокхолмска“, „Осло“, „Финска“, „Багдадска“… Не се тоа само имиња на странски градови и држави. Тие потсетуваат дека во најтешките моменти по земјотресот Скопје не било оставено само на себе.

Така, една прошетка низ Тафталиџе може да се претвори во патување низ светот без да се помине ниту една државна граница. Само треба човек да ги крене очите од телефонот и да ги прочита таблите. Зад секоја од нив може да се крие приказна за помош, пријателство и за луѓе што никогаш не живееле во Скопје, а, сепак, оставиле трага во него.

Но, можеби, најнеобичните имиња на улици не доаѓаат од големите историски имиња, туку од оние што звучат сосема службено и безлично. Во списокот на градските сообраќајници се појавува и ул. „897“. Замислете да треба некому да му објасните каде живеете: „Не барај ме по име, барај ја осумстотини деведесет и седмата улица“. Во истите списоци се среќаваат и „Индустриска бр. 1„ и „ Индустриска бр. 2“, како и повеќе „новопланирани улици“ со различни броеви. Имиња што не будат носталгија, не потсетуваат на херои и не звучат поетски, туку како да се препишани од работна табела.

Од сè погоре кажаното, недвосмислено се наметнува едно логично прашање дали треба само да може лесно да се пронајде улицата на мапа или треба да има име што ќе остане во сеќавањето. Некој ќе рече дека најважно е поштарот да ја најде адресата. Друг ќе сака името да носи приказна, да има душа и да биде дел од идентитетот на населбата. На пример, името на улицата „Мексичка“ во списокот на градските сообраќајници се поврзува со денешната улица „Петре Пирузе“. За повозрасните скопјани, старото име, можеби, и понатаму е најприродно, додека помладите го користат новото без многу размислување. Тоа покажува дека се менува градот, ама старите навики не исчезнуваат прекуноќ.

(С.Бл.)

 

ИЗДВОЕНИ