Македонската металуршка индустрија се соочува со ограничен пристап до европскиот пазар и со зголемени трошоци поради новите мерки што стапија на сила на 1 јануари 2026 година. Компаниите предупредуваат дека веќе се чувствуваат последиците, со речиси преполовен извоз и со загуби во десетици милиони евра. Во меѓувреме, Владата, преку Брисел, бара решение Македонија да биде исклучена од квотите за трети земји, но неизвесноста останува голема. Вицепремиерот Александар Николоски предупреди дека доколку не се најде решение, земјите од регионот би можеле да бидат принудени да разгледуваат реципрочни мерки, што никому не би му било во интерес, како што рече „имајќи предвид дека странски инвеститори во Македонија произведуваат полупроизводи за европските пазари“

Македонските компании од челичната индустрија веќе ја потрошија квотата во првиот квартал од годинава, која им ја додели Европската Унија за извоз на челик. Станува збор за квота од 25.948 метрички тони за шупливи профили, а дополнителни количини остануваат да чекаат за царинење. Токму во овој сегмент македонската челична индустрија има најсилно присуство на европскиот пазар, а со ограничената квота, тој станува уште поограничен.

Новите правила што ги воведе ЕУ од 1 јануари 2026 година, како дел од заштитните механизми за својата челична индустрија, предвидуваат преполовување на количините што може да се увезуваат без царина, како и зголемување на царинската стапка на 50 проценти (од претходните 25) за сите количини што ќе ја надминат квотата. За македонските производители, тоа значи директно намалување на конкурентноста и сериозен притисок врз извозот.

„ИГМ Трејд“ од Кавадарци веќе ги чувствува последиците од новите мерки. Неодамна, главниот менаџер на компанијата, Александар Гечев, истакна дека годишните извозни количини и приходи ќе им се намалат за 40 проценти.

–  Во бројки, тоа се загубени 65.000 тони годишно, односно околу 42 милиони евра нереализирани приходи – истакна Гечев.

Дополнително, со воведувањето на јаглеродниот механизам (CBAM), се очекува раст на цените на челикот во ЕУ за околу 150 евра од тон и тоа од сегашните 650 на околу 800 евра за тон. Во такво сценарио, загубите на компанијата би можеле да достигнат и до 52 милиони евра годишно.

– Нашата компанија нема алтернативни пазари со сличен обем, платежна способност и стабилност, што значи дека загубата на ЕУ- пазарот е фактички ненадоместлива – предупредува Гечев.

Македонскиот извоз во ЕУ е концентриран во неколку клучните групи производи: поцинкувани и пластифицирани котури, топловалани лимови, шипки и профили, како и различни видови цевки. Токму овие категории се најпогодени од новите ограничувања. Статистичките податоците покажуваат дека во 2023 година извозот во овие сегменти достигнал 452 милиони евра, што е пад од 12,4 проценти во однос на 2022 година, кога изнесувал 516 милиони евра. Новите мерки, според индустријата, само ќе го продлабочат овој негативен тренд.

Во однос на преполовените европски квоти за извоз на челик, вицепремиерот Александар Николоски смета дека тоа е еден од најголемите економски предизвици со кои се соочува домашната металуршка индустрија. Тој објаснува дека ЕУ ги применува квотите за земјите што не се нејзини членки и потпаѓаат под таканаречените квоти за трети земји, во чии рамки се наоѓа и Македонија.

– Бидејќи во истиот систем е вклучена и Кина, голем дел од количините се алоцираат токму таму, што го ограничува извозот од регионот – вели Николоски.

Тој посочува дека се бара чаре за проблемот преку интензивни разговори што ги водат Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и македонската Мисија во Брисел.

– Решение мора да се најде во рамките на тоа да земјите од Западен Балкан или ако не можеме да влеземе како група, тогаш Македонија да биде исклучена од политиките за трети земји и тоа е единственото логично решение. Регионот веќе е силно интегриран во европските економски текови, со договори за слободна трговија и статус на придружни членки и кандидати – укажа Николоски.

Тој предупреди дека доколку не се најде решение, земјите од регионот би можеле да бидат принудени да разгледуваат реципрочни мерки, што никому не би му било во интерес, како што рече „имајќи предвид дека странски инвеститори во Македонија произведуваат полупроизводи за европските пазари“.

Од јануари 2027 година треба да започне пресметувањето на јаглеродната компонента во увезените производи во рамките на СИБАМ јаглеродната такса, која ќе санкционира продукција извршена со т.н. нечиста енергија, доколку земјата извозник нема воспоставено сопствен систем за евиденција и наплата на јаглеродни емисии. Министерот Николоски вели дека ниту една земја од регионот сè уште нема воспоставено таков механизам, делумно поради доцнењето на Европската Унија со финализирањето на правилата, кои се очекува да бидат објавени до септември годинава.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ