Европската комисија смета дека Booking.com не прави доволно за да спречи онлајн измами и манипулации. Комисијата ги објави своите наоди во средата, при што покрена истрага за можни прекршувања на европските правила за дигитални услуги, пренесува агенцијата Белга.
„Booking.com не прави доволно за да спречи онлајн измами и манипулации“, изјави портпарол во средата.
Тој истакна дека бројот на пријавени измамнички инциденти на оваа популарна платформа за резервација на сместување се зголемил за 500 отсто во периодот помеѓу 2022 и 2024 година, при што вкупната вредност на ваквите измами во 2024 година достигнала 4,2 милијарди евра.
Како резултат на тоа, Комисијата се сомнева дека Booking.com не ги исполнува своите обврски согласно Законот за дигитални услуги (DSA).
Истрагата ќе се фокусира на три области: начинот на кој компанијата постапува со лажни огласи, заштитата од „фишинг“ (кражба на податоци) и транспарентноста на плаќањата извршени со цел подобрување на рангирањето во резултатите од пребарувањето.
Комисијата сега може да прибира дополнителни докази, на пример преку спроведување инспекции. Доколку се утврди дека Booking.com навистина ги прекршил правилата – и доколку компанијата одбие да ги промени своите политики – таа би можела да се соочи со парични казни во висина до шест отсто од нејзиниот вкупен промет.












