Регулаторната комисија за енергетика ја намали цената на бензините од 95 и 98 октани, а цената на дизелот остана иста. Во новите максимални малопродажни цени кои стапуваат на сила од ноќеска на полноќ, е вклучено намалувањето на акцизата за бензините за 2 денари, а на дизелот за 4 денари за литар, како и повластената стапка на ДДВ од 10 %. Така, еуросупер БС – 95 чини 83,50 ден/литар, еуросупер БС – 98 изнесува 85,50 ден/литар, а еуродизел БС (Д-Е V) остана со замрзната цена од 98,00 ден/литар. Другите нафтени деривати – маслото за горење екстра лесно 1 (ЕЛ-1) чини 95,50 ден/литар, а мазут М-1 НС е 51,311 ден/килограм.

– Со оваа одлука, малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 1,41 % во однос на претходната одлука од 30 март 2026 година – велат од Регулаторна и укажуваат дека зголемувањето на светските референтни цени и на курсот на денарот би довело до повисоки цени доколку не беа интервенциите на Владата за намалување на акцизите и на ДДВ-то.

Но, овие цени можат дополнително да се намалат на бензиските пумпи. Регулаторната комисија ги повика нафтените компании да го вкалкулираат обезбедениот попуст од страна на Владата со главниот набавувач ОКТА, со што граѓаните ќе можат директно да го почувствуваат ефектот: поевтинување од 3 ден/литар за дизел и 2 ден/литар за бензин.

– Доколку не се продолжеше времетраењето на намалениот ДДВ и не се интервенираше во акцизата, цената на бензините ќе беше повисока за 8,50 ден/литар, а дизелот за 12,00 ден/литар – нагласуваат од РКЕ и велат дека интервенцијата овозможува поевтини горива и стабилност на пазарот.

Намалувањето на цените е дел од мерките за заштита на стандардот на граѓаните и стабилноста на економијата во услови на глобални флуктуации на нафтениот пазар. Премиерот Христијан Мицкоски нагласи дека Регулаторната комисија ја донесе одлуката согласно со владината одлука за намалување на акцизите.

– Овозможивме Регулаторната комисија да ги намали акцизите за дизел од 4 денари за литар, а за бензините од 2 денари за литар. Исто така, во разговор со ОКТА, лично разговарав и со раководството на ОКТА во Атина, но и со раководството на односно со „Хеленик петролеум“ и ОКТА тука во Скопје, успеавме да обезбедиме дополнителен период од еден месец за попустот од 3 денари за дизел и 2 денари за безоловен бензин. Кога сето ова ќе се стави во функција, за бензините треба да имаме поевтина цена, а за дизел не би требало да имаме покачување на одредени бензински пумпи, и покрај сериозната предизвикувачка состојба не само во државата, туку насекаде низ светот – истакна Мицкоски.

Премиерот нагласи дека состојбата со резервите на гориво е стабилна.

– Од аспект на количини сме стабилни, не треба да има стравувања. Потрошувачката се зголеми од 1,5 милиони литри на 2 милиони литри на ден. Имаме притисок од пограничните места. Ја продолживме мерката за ДДВ од 18 на 10 проценти, со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните и бизнисот – изјави Мицкоски.

Премиерот Мицкоски изјави дека засега нема потреба од ограничување на горивото, нагласувајќи дека земјата има доволни количини и дека граѓани од соседството веќе доаѓаат да полнат гориво во Македонија. Така е во југозападниот дел од државата каде што колони возила од Албанија преку граничниот премин Ќафасан влегуваат во Македонија за да купат поевтина храна и гориво. Меѓутоа, таква слика нема на јужната граница со Грција. Дописникот на весникот ВЕЧЕР од Гевгелија, Љупчо Алексовски, вели дека нема навала на пограничните бензиски пумпи и во самиот град и дека граѓани отаде границата најчесто доаѓаат во Гевгелија да завршат други работи.

Со последните потези што ги повлече Владата околу стабилизирање на цените на горивата, Мицкоски вели дека Македонија цели да биде фактор на стабилност.

– И тоа го правиме. Онаа Македонија што коленичеше и молеше, верувале или не, веќе не постои. Сега имаме Македонија што помага, од која бараат помош, која рефлектира стабилност и зрелост во регионот и така ќе се однесуваме во иднина – нагласи Мицкоски.

Вчераутро, откако стартуваа берзите на Исток, продуктите постепено ја намалуваат својата цена. Мицкоски вели дека треба да се види како ќе затворат берзите неделава, за да може Владата да има репер какви ќе бидат цените на дизел-горивото и на безоловниот од 95 и 98 октани.

ОКТА го продолжува попустот од три денари за дизел и два денари за бензините по литар до крајот на месецот

Како одговор на тековната меѓународна ценовна нестабилност, ОКТА го продолжува попустот што се нуди при продажба на дизел и на бензини кон големопродажните и малопродажните трговци, до 30 април 2026 година. Попустот за дизел изнесува 3 денари по литар, додека попустот за бензин од 95 и 98 октани, останува 2 денари по литар.

– Иницијативата е доброволна, овозможувајќи им на трговците да ја пренесат придобивката кон крајните потрошувачи. Сепак, големопродажните и малопродажните трговци остануваат целосно слободни самостојно да ги утврдуваат своите продажни цени – велат од ОКТА.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ