четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ Среде нејасните сигнали од САД за војната во Иран, земјите од Заливот...

Среде нејасните сигнали од САД за војната во Иран, земјите од Заливот изгубија трпение и најавија ескалација

629
EPA/WAEL HAMZEH

Мистериозни видеа објавени на официјалните сметки на Белата куќа на „Икс“ и „Инстаграм“ ги подгреаја претпоставките за потенцијални контакти меѓу САД и Иран. „Волстрит џурнал“ пишува дека во рамките на напорите за мировни преговори, САД и Израел привремено ги тргнале иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и претседателот на Парламентот, Мохамед Бакер Калибаф, од списокот за ликвидација. „Волстрит журнал“ објави дека Трамп им рекол на помошниците дека војната ќе заврши во рок од неколку недели, додека според „Аксиос“, Пентагон развива неколку воени сценарија за можен „конечен удар“ врз Иран. Американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, во молитва за време на христијанска богослужба во Пентагон посака „секој истрел да ја погоди целта“, „силно насилство против непријателите“ и „Бог да го излее сиот свој гнев“

Две чудни, кратки видеа со нејасна содржина, објавени на официјалните сметки на Белата куќа на „Икс“ и на „Инстаграм“, во средата вечерта, во рекордно време ја кренаа светската јавност на нозе. На првото видео од четири секунди, камерата е вперена во нечии нозе, а се слуша женски глас како вели „Наскоро ќе се лансира, нели?“. По час и половина, ова видео беше избришано. На второто видео, исто така од неколку секунди, во темнина се слуша звук од телефонска порака, проследен со кратко трепкање на сликата, што ја снемува пред да може да се распознае содржината. Според Си-ен-би-си, во еден кадар се гледа американско знаме, како и емотикони од паметен телефон.

Овие две мистериозни видеа собраа милион прегледи и предизвикаа голема возбуда на Интернет, иако нивната цел остана нејасна. Белата куќа не даде објаснување, па следуваа лавина од коментари со најразлични теории. Некои претпоставуваат дека сметките на Белата куќа на социјалните мрежи се хакирани, други дека некој од функционерите објавил нешто шифрирано, но, доминира претпоставката дека објавата може да има некаква врска со потенцијални контакти меѓу САД и Иран, во време кога конфликтот на Блискиот Исток дополнително ја усложнува дипломатската слика.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано сугерира дека Техеран е под притисок и бара начин да постигне договор, иако не сака јавно да го признае тоа. Во своите изјави, тој нагласи дека иранското раководство е помеѓу внатрешните тензии и надворешниот политички притисок. Во четвртокот, тој ја насмеа јавноста велејќи дека Иран му ја предложил функцијата врховен водач, но тој ја одбил.

Спротивно од него, шефот на иранската дипломатија, Абас Арагчи, ги отфрла тврдењата за директни преговори, нагласувајќи дека размената на пораки преку посредници не значи формални разговори. Како што објави „Скај њуз“, Техеран разгледува одредени предлози, но во моментов не планира да влезе во отворен дијалог со Вашингтон.

Американскиот весник „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани американски официјални лица, пишува дека САД и Израел привремено ги тргнале од списокот за ликвидација иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, и претседателот на Парламентот, Мохамед Бакер Калибаф. Одлуката била донесена во рамки на напорите за почнување мировни преговори меѓу Вашингтон и Техеран. Истовремено, Израел објави дека е убиен командантот на иранската морнарица, одговорен за Хормускиот Проток, Алиреза Танксири и најави дека со полна сила ќе продолжи да дејствува во Иран за да ги постигне воените цели. „Волстрит журнал“, пак, објави дека Трамп им рекол на помошниците дека војната ќе заврши во рок од неколку недели и ги повикал да се усогласат со тој временски рок. Портпаролката на Белата куќа, Керолајн Левит, изјави дека тој фаворизира мирно решение со Иран, но е подготвен за значително заострување „доколку Техеран не ја прифати реалноста на моменталната ситуација“.

Спорд „Аксиос“, Пентагон развива неколку воени сценарија за можен „конечен удар“ врз Иран, што би можело да вклучува и копнени операции и масовни воздушни напади. Во четвртокот, во центарот на вниманието на светската јавност и под критики се најде американскиот секретар за одбрана, Пит Хегсет, кој во молитва за време на христијанска богослужба во Пентагон посака „секој истрел да ја погоди целта“, „силно насилство против непријателите“ и „Бог да го излее сиот свој гнев“.

Токму поради ваквите спротивставени пораки, секоја необична комуникација добива дополнителна тежина. Кратките видеа од Белата куќа, иако без објаснување, многумина ги сметаат за можен сигнал, без разлика дали станува збор за дипломатски тест на терен или порака до другата страна. Засега нема официјални појаснувања, но во атмосфера на зголемени тензии и неизвесност, дури и најмалиот знак од Вашингтон или Техеран станува предмет на внимателно читање меѓу редови.

Меѓу изјавите „има-нема“ преговори, вчерашната објава на земјите од Персискиот Залив упатува на опасност од уште поголемо разгорување на војната. Како што пренесе Си-ен-би-си, во заедничка изјава тие ги осудуваат „бесрамните“ и „криминални“ напади на Иран врз нивната енергетска инфраструктура и сигнализираат подготвеност да дејствуваат во „самоодбрана“ во иднина, зашто нивното трпение кон Иран се намалува.

Обединетите Арапски Емирати, Кувајт, Бахреин, Саудиска Арабија, Катар и Јордан ја повикаа иранската влада веднаш да ги прекине нападите „за да се зачуваат братските односи и да се избегне понатамошна ескалација“. Иран се извини за нападите врз своите соседи, изјавувајќи за Си-ен-би-си дека американските воени бази во тие земји се „легитимни“ цели.

ИЗДВОЕНИ