четврток, јуни 4, 2026
Дома СВЕТ САД планираат воената помош за Украина да ја пренасочат кон Блискиот Исток

САД планираат воената помош за Украина да ја пренасочат кон Блискиот Исток

82
EPA/Maria Senovilla

САД размислуваат да ја преориентираат воената помош што беше наменета за Украина кон регионот на Блискиот Исток, пренесува „Вашингтон пост“, повикувајќи се на извори блиски до Пентагон. Оваа стратегија се јавува во време кога американските операции во регионот се интензивираат и трошат дел од најкритичната муниција на армијата.

Меѓу оружјето што би можело да се пренасочи се и ракети пресретнувачи за воздушна одбрана, кои беа дел од минатогодишната иницијатива на НАТО, според која партнерските земји купуваа американско оружје за Киев.

Портпаролот на Пентагон нагласи дека Министерството за одбрана ќе обезбеди дека американските сили и сојузниците ќе ги имаат потребните ресурси „да се борат и да победат“.

Од друга страна, Русија и Украина, кои се во војна веќе петта година, сè уште зборуваат за мировни преговори, кои беа прекинати поради војната на Блискиот Исток. Кремљ соопшти дека Русија е во контакт со САД околу организирање нова рунда мировни преговори за Украина, кои би се одржале кога ќе се создадат услови, објави „Ројтерс“. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли тврдењата на „Њујорк тајмс“ дека рускиот претседател, Владимир Путин, го загубил интересот за преговори поради конфликтот со Иран, оценувајќи ги како целосна измислица. Тој нагласи дека Русија останува заинтересирана за мировно решение, но клучните прашања, вклучително и територијалните, сè уште не се решени.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, пак, изјави дека Украина сериозно ги сфаќа мировните преговори со Русија и дека дискусиите би биле поефикасни доколку се водат на ниво на национални лидери. Како што пренесе „Украинска правда“, во своето последно интервју за „Ројтерс“, тој нагласил дека Киев е подготвен за такви разговори, но Москва поставува ултиматуми.

ИЗДВОЕНИ