Ментално пасивните активности, како што е гледањето телевизија, може да го зголемат ризикот од депресија поради дисрегулација на допаминот, поголемо консумирање нездрава храна и социјална изолација.
Неколку едноставни активности или дури и спиење наместо гледање телевизија би можеле значително да го намалат ризикот од депресија на средна возраст, покажа нова студија.
Заменувањето на само еден час гледање телевизија со други активности, како спорт, рекреација, одење или спиење, може да го намали ризикот од развој на голема депресија. Ако замените половина час гледање телевизија со спортување, ќе го намалите ризикот од депресија за 18 проценти. Кај постарите луѓе, оваа едноставна промена го намалува ризикот за речиси 30 проценти.
Слично намалување на ризикот од депресија е забележано кога е заменет еден час гледање телевизија со сон. Резултатите од студијата се објавени во стручното списание „Јуропијан псајкајатри“.
„Овие наоди ја поддржуваат промоцијата на различни физички активности во оваа возрасна група.
– Намалувањето на времето пред телевизија може да биде особено ефикасна стратегија за јавното здравје за возрасните на средна и на поодмината возраст. Иако не се пронајдени значајни ефекти кај младите возрасни, поттикнувањето а активен животен стил останува важно, бидејќи раната физичка активност го предвидува идното однесување – рекоа тие.
Експертите со години предупредуваат дека седечкиот начин на живот може да го зголеми ризикот од низа сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи дебелина, дијабетес тип 2, рак, па дури и предвремена смрт.
Тимот од Универзитетот во Гронинген вели дека не станува збор само за времето поминато во седење.
Неодамнешна студија покажа дека секој дополнителен час гледање телевизија е поврзан со пет проценти зголемен ризик од депресија.












