Големата Аранча Санчес Викарио седна на маса со познатиот шпански новинар Хозе Каљеха и раскажа навистина тажна приказна. Четирикратната гренд-слем шампионка и поранешна тенисерка број еден на ВТА-листата му призна на авторот дека останала без 36 милиони евра заработени во текот на кариерата, и не само тоа. Таа сè уште отплаќа долг од 6,6 милиони евра кон банка во Луксембург, откажувајќи се од половина од својата заработка и заработувајќи за живот држејќи часови по тенис во Соединетите Американски Држави.

Таа го обвини својот поранешен сопруг, Џузепе Сантакана, за сè, тврдејќи дека тој е причината што богатството стекнато за време на нејзината тениска кариера, едноставно, исчезнало. Аранча беше во брак со Сантакана од 2008 до 2019 година, тие имаат син и ќерка од брак што заврши на суд.

„Му верував затоа што тој е татко на моите деца. Се заљубив слепо, и на крајот, се покажа дека воопшто не е личноста за која мислев дека е“, рече Аранча во емисијата „Калеја Универзум“.

На прашањето дали е вистина дека останала без сумата од 36 милиони евра, таа одговори:

„Точно, тоа е сумата што се појави во медиумите. Бев целосно посветена на тенисот и никогаш не се занимавав со моите финансии, затоа што не знаев како. Му верував на мојот сопруг… А потоа, тие 36 милиони евра, едноставно, исчезнаа. На крајот, останав да го носам целиот товар.“

„Не отидов в затвор затоа што се откажувам од 50 проценти од секоја плата…“

Тоа не беше сè… Санчес Викарио и Сантакана се најдоа на суд во 2023 година под обвинение за криење средства за да избегнат враќање на долгот кон Банката на Луксембург. Поранешната тенисерка број еден во светот беше осудена на двегодишна условна казна затвор, со обврска лично да врати околу 6,6 милиони евра долг.

Објаснувајќи како избегнала да оди в затвор, Санчес Викарио рече:

„Не завршив в затвор затоа што плаќам 50 проценти од мојот приход во банката. Ги почитувам сите мои обврски иако, длабоко во себе, знам дека бев жртва.“

Таа, исто така, призна дека целиот процес бил многу тежок за неа.

„Беше огромен шок. Морав да одам на психотерапија затоа што не можев да верувам што ми се случува. Беше како да се разбудам од сон и да си помислам: „Ова не може да ми се случува мене“.

Аранча Санчес Викарио освои три титули на Ролан Гарос, а го крена својот прв трофеј на само 17 години. Таа го освои и Отвореното првенство на САД во 1994 година, додека на Отвореното првенство на Австралија и Вимблдон неколкупати стигна до финалето. Таа се искачи на врвот на ВТА-листата во 1995 година, а во текот на кариерата ја претставуваше Шпанија на дури пет Олимписки игри.

Кариерата ја заврши во 2002 година, а подоцна еден од терените на Мастерсот во Мадрид беше именуван по неа.

ИЗДВОЕНИ