Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против С.Р., поранешен вршител на должност директор на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, поради сомнение дека сторил повеќе кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба.

Според информациите од Финансиската полиција, против него се поднесени пријави за кривичните дела „Злоупотреба на службената положба и овластување“, „Фалсификување исправа“ и „Проневера во службата“ во обид, согласно одредбите од Кривичниот законик.

Како што се наведува во пријавата, осомничениот во својство на в.д. директор на јавното претпријатие, во текот на 2024 година, два дена пред истекот на договорот за интелектуални услуги со фирмата „ВЕДА ДООЕЛ Скопје“, склучил пет договори со физички лица во вкупна вредност од 3.608.708 денари.

Од нив, два договори биле за интелектуални услуги – давање совети и имплементација на нови техники за заштита на животната средина – во вредност од по 775.000 денари, односно 1.550.000 денари вкупно, со лица кои, според наводите на истрагата, немале експертиза во оваа област и биле негови лични познаници.

Во пријавата се посочува дека осомничениот бил свесен дека услугите не се извршени, ниту можеле да бидат извршени во рокот на договорот.

Дополнително, биле склучени уште три договори во вредност од по 686.236 денари за сметководствени услуги и изготвување годишна сметка, во вкупна вредност од 2.058.708 денари, иако едно од ангажираните лица немало експертиза и не било регистрирано како овластен сметководител.

Откако Управата за финансиска полиција го открила случајот и била спречена исплатата на средствата, осомничениот, според пријавата, започнал нова постапка и склучил нов договор за интелектуални услуги со правното лице „ЕСИ Солушн ДООЕЛ Скопје“.

Преку овој договор, како што се наведува, бил ангажиран камион за собирање смет, при што биле потпишани платни налози и исплатени 604.461 денар преку авторска агенција.

Финансиската полиција смета дека со овие дејствија осомничениот постапил спротивно на одредбите од Законот за јавни набавки и начелата за економичност, транспарентност, конкуренција и еднаков третман на економските оператори.

Со склучување фиктивни договори и договори без спроведена постапка за јавна набавка, според пријавата, постои основано сомнение дека осомничениот сакал да овозможи корист за ангажираните лица во вкупен износ од 4.213.169 денари.

Кривичната пријава е доставена до Основното јавно обвинителство Скопје, кое треба да постапува по предметот.

 

ИЗДВОЕНИ