Општина Ѓорче Петров се стекна со „CAF Effective User Label“ – престижна европска ознака која ја потврдува успешната примена на високи стандарди за управување со квалитет во јавната администрација.
Оттаму информираат дека со добивањето на ова признание, стануваат првата општина во Република Македонија што успешно го поминала процесот на независна надворешна евалуација и го добила овој реномиран сертификат за институционална извонредност.
-Овој значаен институционален исчекор е резултат на системска и професионална посветеност на општинската администрација, како и на јасната определба за континуирано унапредување на управувањето, зајакнување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на услугите за граѓаните – рече градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски на настанот по повод доделување на признанието.
Тој до даде дека ова признание претставува потврда за системскиот пристап во работата на општината и за заложбата за развој на современа, транспарентна и ефикасна локална администрација во интерес на граѓаните.
CAF моделот претставува современа европска рамка за управување со квалитет во јавниот сектор, чија примена придонесува кон поефикасна и поодговорна администрација, подобри организациски процеси и услуги ориентирани кон потребите на граѓаните.
Општина Ѓорче Петров го имплементираше првиот CAF циклус во 2016 година, а со вториот циклус реализиран во 2024 година го потврди континуитетот.












