недела, август 16, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Софија Ампова, првата акушерка во Гевгелија – Помогнала при раѓањето голем број...

Софија Ампова, првата акушерка во Гевгелија – Помогнала при раѓањето голем број гевгелиски деца

Низ годините, Софија Ампова помогнала при раѓањето на голем број гевгелиски деца. За многу семејства, нејзиното име било поврзано со еден од најважните моменти во животот: доаѓањето нов член на семејството. Таа била присутна во миговите на страв, неизвесност, но и на радост, кога мајката првпат го прегрнувала своето новороденче. Нејзината работа не била само професија. Таа барала голема одговорност, трпение, човечност и посветеност. Во време кога здравствените работници биле малку, Софија Ампова била една од оние на кои можеле да се потпрат гевгелиските жени

27

Кога зборуваме за развојот на здравството во Гевгелија, има повеќе интересни приказни. Меѓу посебните е приказната за првата завршена акушерка во Гевгелија, Софија Ампова.

Во историјата на секој град постојат луѓе што, можеби, не оставиле големи споменици зад себе, но оставиле нешто многу повредно: спомен во срцата на своите сограѓани. Една од тие личности во Гевгелија била Софија Ампова, првата медицинска сестра акушерка, која со децении ѝ била посветена на грижата за мајките и за новороденчињата.

Софија Ампова во 1924 година се вработила во здравствената служба во Гевгелија и работела вредно и посветено сè до своето пензионирање. Таа го почнала својот работен век во едно време кога медицинската грижа била многу поразлична од денешната, а породувањето често се одвивало во тешки услови и со ограничени можности за медицинска помош. Во такви околности, знаењето, искуството и присуството на една обучена акушерка имале огромно значење за жените и за нивните семејства.

Родена е во Гевгелија, во 1898 година, од татко Тано и мајка Шекеринка. Софија имала уште три сестри и еден брат, кој подоцна живеел во Романија и работел во Кабинетот на тогашниот претседател на Романија, Николае Чаушеску. Не се знае многу за нејзината рана биографија, освен дека била мажена во Воден, но поради семејни причини, се вратила во Гевгелија. Завршила училиште за акушерки во 1924 година, во Белград.

Таа година, во Гевгелија пристигнал доктор Трифун Грековски. Тој бил роден во Ениџе-Вардар, гимназија завршил во Солун, додека медицински факултет во Женева, во 1920 година. Четири години работел во Болницата за детски болести во тој град, сè до 1924 година, кога дошол во Гевгелија. Во тоа време, Градот под Кожуф бил мало населено место, со оформена градска физиономија и броел 3.000 жители. Во 1928 година, во Гевгелија била отворена општа болница, со капацитет од 25 болнички кревети. Таа била сместена во еден адаптиран објект на некогашниот католичко-унијатски конак и таму, по враќањето од Белград, заедно со д-р Грековски, почнала да работи, како сестра акушерка или како што се вели народски „бабица“, Софија Ампова.

Во периодот од 1925 година, па сè до 1936 година, Грековски бил единствениот лекар во оваа болница. Тогаш во неа дошол младиот Димитар Мицев, роден во Стојаково, кој го завршил Медицинскиот факултет во Белград, па Ампова работела и со него.

По ослободувањето, во Гевгелија веќе работеле здравствена амбуланта, мала општа болница и антималарична станица. Поради дефицит на лекарски кадар во Македонија, д-р Александар Сингер, на свое барање, дошол во Гевгелија во 1946 година. Така, Софија Ампова работела и со овој легендарен доктор, кој оставил голема трага во здравството во Гевгелија.

Низ годините, Софија Ампова помогнала при раѓањето на голем број гевгелиски деца. За многу семејства, нејзиното име било поврзано со еден од најважните моменти во животот: доаѓањето нов член на семејството. Таа била присутна во миговите на страв, неизвесност, но и на радост, кога мајката првпат го прегрнувала своето новороденче.

Нејзината работа не била само професија. Таа барала голема одговорност, трпение, човечност и посветеност. Во време кога здравствените работници биле малку, Софија Ампова била една од оние на кои можеле да се потпрат гевгелиските жени.

При крајот на својот работен век, Софија заминала да работи во Богданци, како докторка и како бабица, каде што го дочекала и своето пензионирање во 1961 година. Нејзините роднини велат дека долго време во својата куќа, по пензионирањето, ги чувала големите тетратки со имињата на сите деца што се родиле во нејзината работна кариера, а во чие раѓање помогнала.

За жал, Софија трагично го загубила живот во сообраќајна несреќа, при излегување од својот дом, на 88-годишна возраст.

Животната приказна на Софија Ампова е пример дека не се секогаш значајни луѓе во историјата се оние за кои се пишуваат големи книги. Понекогаш тоа се тивки и вредни луѓе, кои со својата работа им помагаат на другите и оставаат трага во животите на цели генерации.

Софија Ампова останува запаметена како една од пионерките на здравствената грижа во Гевгелија – жена што, со своите знаење, хуманост и долгогодишна работа, помогнала на многу мајки нивниот најтежок момент да стане момент на најголема радост.

Остануваат сликите да сведочат за по малку таинствената прва акушерка во Гевгелија, Софија Ампова.

(Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ