понеделник, јуни 8, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Гаши најде рецепт за штедење: Помалку седници, повеќе донесени акти

Гаши најде рецепт за штедење: Помалку седници, повеќе донесени акти

„Фактот дека во изминативе две години се одржани 196 седници на кои се донесени 710 акти, а што е многу порационално од претходниот собраниски состав, зборува дека ефикасноста е значително подобрена“, рече Гаши. Тој не одговори конкретно на прашањето дали штедењето ќе продолжи со намалувањето на патните трошоци на пратениците и само кажа дека „се покажува дека на овој начин, Собранието е пофункционално и порационално“

132

Од мај 2024 година па до мај 2026 година, македонското Собрание одржало вкупно 196 седници на кои биле усвоени 710 акти. Наспроти ова, во периодот од 2020 до 2024 година имало 618 седници на кои биле усвоени 984 акти, а што значи дека сега ефикасноста е значително подобрена, изјави денеска претседателот на македонскиот парламент, Африм Гаши. Тој во Собранието поднесе отчет за својата работа и за работата на Собранието во изминатиов двегодишен период, изразувајќи задоволство од сработеното.

– Помалиот број седници може да се протолкува како резултат на консолидацијата на собраниската агенда и избегнување на долги или прекинати собраниски седници без конкретен епилог. Ова укажува на значително поголема процедурална ефикасност бидејќи бројот на акти усвоени по седница е поголем во последен период. Ние се обидуваме да работиме на најрационален начин. Ако забележувате, во овој период сме имале по околу четири седници, на почетокот на месецов, на средината и кон крајот, за да не оставаме големи празнини меѓу седниците. И како што доаѓале законите, така сме ги ставале на дневен ред и сме ги усвојувале – рече Гаши.

На новинарското прашање дали процесот на штедење ќе води и кон намалувањето на патните трошоци на пратениците за присуството на седниците, Гаши не одговори конкретно, туку само додаде дека:

– Се покажува дека со овој начин Собранието е пофункционално и порационално.

Во двегодишниот отчет е наведено дека биле поднесени 13 интерпелации, за разлика од претходниот собраниски состав кога имало само – 5. Имало и 29 јавни расправи и три надзорни расправи. Досега се одржани 26 седници посветени на пратеничките прашања. Од нив, 13 седници биле посветени на пратеничките прашања од редовите на опозицијата, а тоа е новина која беше воведена во 2025 година. Инаку, на отчетот не се појавија координаторите на пратеничките групи од опозициските партии, туку само од владејачките.

–Сите беа поканети, јас се залагам за инклузивноста, но тоа е нивна одлука – рече собранискиот спикер.

Гаши посебно се пофали со зголемени билатерални активности на Собранието бидејќи во овие две години имало 212 активности, а што е за зголемување на интензитетот од 88 проценти во однос на претходниот собраниски состав. Мултилатерални активности се зголемени за 26 проценти.

На новинарското прашање околу носењето на предложениот закон за правична застапеност, кој задутре треба да се најде на собраниска седница во прво читање, Гаши одговори дека се прави позитивен чекор.

–Постапката е почната. Имаше седница на Комитетот за односи меѓу заедниците. Прво, не беше предвидено законот да се носи со примена на Бадентеровиот принцип, волјата на мнозинството беше да се гласа со „бадентер“. Мислам дека се прави позитивен чекор. Не разбирам зошто опозицијата не гласа. Мислам дека оваа форма е најдобриот начин, а тест за секој закон е времето. Подобро е преку дебата да се дојде до решение. Блокирањето не е начин да дојдеме до поквалитетен закон. Можеме да дебатираме, да предлагаме, да повикуваме да има јавна дебата. Ајде да го подобриме законот, да не го блокираме – одговори тој на прашањето за можната блокада од страна на опозицијата на овој закон.

Првиот парламентарец најави дека и во следниот период ќе се залага за ефикасно и отчетно Собрание.

–Јавите функции се мерат со одговорноста. Оваа функција е голем товар и одговорност и сериозна обврска кон очекувањата на граѓаните кои гласале и пратениците кои ме избрале. Во текот на овие две години, се обидував секој мој ангажман да биде во функција на зајакнување на Собранието. Собранието беше поактивно од кога било на меѓународен план. Ја зајакнавме позицијата на Собранието на меѓународната сцена. Внатре, работата ја направиме поорганизирана и пофункционална. Поставивме стабилен темел врз основа на кој можеме да продолжиме да градиме. Останувам посветен на тоа Собранието да биде дом за сите граѓани – рече Гаши. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ