Собрани се околу 3.500 килограми стара облека и текстилен отпад во Карпош, што претставува значаен резултат и показател за зголемената свест кај граѓаните за правилно управување со отпадот.
Со оглед на успешноста на акцијата, Општина Карпош и колективниот постапувач „Еко Текс – Груп“ од Скопје, со кој беше склучен договор во мај, минатата година ќе ја продолжат соработката и во наредниот период.
Инспекциските служби на Општина Карпош денеска одржаа работна средба со колективниот постапувач „Еко Текс – Груп“, со цел проверка на активностите за собирање текстилен отпад. Како дел од акцијата, специјални контејнери за текстилен отпад се поставени во сите десет основни училишта на територијата на Општина Карпош, детските градинки, како и пред административната зграда на Општината.
Од Општина Карпош ги повикуваат граѓаните одговорно да го одлагаат стариот текстил исклучиво во поставените контејнери, со што ќе се придонесе кон почиста животна средина и поодговорно управување со отпадот.
– Селектирајте. Одложувајте одговорно. Да ја чуваме животната средина заедно – порачуваат од локалната самоуправа.












