Македонскиот кикбокс со години наназад бележи значајни меѓународни успеси, освојува медали на европските и светските првенства и постојано докажува дека може да се носи со најсилните репрезентации. Зад овие резултати стојат многу работа, посветеност, дисциплина и пожртвуваност, но и луѓе кои секојдневно вложуваат во развојот на младите спортисти и создавањето нови шампиони.
Еден од нив е Дејан Митровски-Урко, претседател на Кикбокс маитаи федерацијата на Македонија, кој со години работи на развојот и афирмацијата на овој спорт. По неодамнешниот успешен настап на младинската репрезентација на Светското првенство во Италија, тој говори за освоените медали, за потенцијалот на македонските кикбоксери, за предизвиците со кои се соочуваат спортистите и за недоволната институционална поддршка.
Во интервјуто за весникот ВЕЧЕР, Митровски отворено зборува и за организацијата на големиот спортски настан што ја очекува Македонија – Европското сениорско првенство во кикбокс, кое ќе се одржи во Скопје. Тој испраќа порака до спортските институции, медиумите и навивачите, повикувајќи на поголема поддршка за боречките спортови и македонските спортисти.
ФОТО: Петр СТОЈАНОВСКИ
Колку сте задоволен од настапот и од освоените медали на натпреварувачите на неодамна завршеното Светско првенство во Италија?
Задоволен сум од настапот на сите наши натпреварувачи и од постигнатиот успех. Да споменам дека ова е состав на младинската репрезентација, чии спортисти допрва ги очекуваат најдобрите резултати во спортската кариера, кога ќе станат сениори. Тоа е плод на нашата заедничка и долгогодишна работа бидејќи ништо не е случајно и неочекувано.
Пред заминувањето, најавив четири златни медали. За жал, четвртото злато за малку ни избега поради судиска неправда. Нашите резултати можеби за некого беа невозможни и неочекувани, но за нас беа очекувани, бидејќи сме свесни со каков потенцијал располагаме и што можеме да постигнеме.
Колку е тешко да се одржува високото темпо на создавање успешни кикбоксери?
Тешко е, бара многу работа и посветеност. Посветеноста и помошта од тренерот не се присутни само на тренинзите и на натпреварите, туку и надвор од спортот, во приватниот живот на спортистите. Тоа подразбира заедничко решавање на различни проблеми и тешкотии што ги носи животот – во училиштето, на улицата, во нивните семејства, друштвото итн.
Како би ја оцениле моменталната состојба на македонскиот кикбокс и каде гледате најголем простор за напредок?
Македонскиот кикбокс е на врвот и според успехот и според масовноста. Можам повторно да кажам дека, според резултатите и масовноста, кикбоксот е национален спорт број еден во нашата земја. Секоја година имаме медалисти на секое првенство на кое настапуваме, без разлика на неговиот ранг.
Најголем простор за напредок гледам во навременото обезбедување финансиски средства за подготовки и учества на првенствата. Исто така, потребно е резултатите во боречките спортови да се вреднуваат како што се вреднуваат резултатите во колективните спортови. Златните медали, а и медалите во континуитет, за нашата земја ги носат токму боречките спортови, меѓу кои со гордост и со факти ќе го издвојам македонскиот кикбокс.

Кои се најголемите проблеми со кои се соочуваат кикбоксерите во Македонија денес?
Најголеми проблеми се нееднаквиот третман од страна на спортските институции во споредба со другите федерации, како и недобивањето средства за функционирање на федерацијата и за учество на првенствата на кои ја претставуваме нашата земја. Исто така, постои и нееднакво вреднување на постигнатите резултати во споредба со резултатите на другите федерации.
Колку се важни дисциплината и менталната подготовка за еден спортист да стигне до врвот?
Најважни особини без кои не може да се стигне до врвен резултат се дисциплината, одговорноста, менталната стабилност и самоконтролата. Потоа доаѓаат правилно дозираните тренинзи и способноста тие во целост да се реализираат како што треба.
Многу е важно и правилното избирање на соодветната дисциплина и категорија. Паралелно со тоа, мора да се води сметка и за начинот на исхрана, како и за користењето дозволени суплементи.
Од вашето искуство, што е потешко – да се открие талент или да се создаде шампион?
– Дефинитивно е потешко да се создаде шампион. Најтешко е спортистот да го убедите во вашата процена, односно да му објасните дека во него гледате потенцијал за остварување врвен резултат. Многу е тешко да му ја всадите таа визија во главата, бидејќи тој доаѓа од својата тинејџерска средина да тренира кикбокс, и не може веднаш да ги сфати и да ги согледа вашата визија и процена.
Таа работа е најтешка за тренерот, особено доколку си поставил задача да му се посвети на одреден потенцијал и да го доведе до остварување врвни резултати. Тогаш ние навлегуваме и во приватниот живот на спортистот, го следиме и го коригираме во неговите постапки низ животот. Го учиме не само за спортот туку и за сите животни вредности што треба да ги поседува еден спортист.

Дали државата и спортските институции вложуваат доволно во кикбоксот?
Не. Државата и спортските институции отсекогаш биле наклонети кон колективните спортови. Да споменам дека спортистите во колективните спортови се на плата. Со други зборови, им се плаќа да тренираат и им се плаќа да ја претставуваат нашата земја на големите натпревари.
Дополнително, се трошат многу пари за ангажирање странски играчи, кои по истекот на договорите заминуваат да играат за друга земја што ќе им понуди повеќе пари. Притоа, тие можат да ѝ нанесат штета на нашата репрезентација бидејќи на противничката страна ѝ ги пренесуваат тактиката и способностите на нашите играчи. За разлика од нив, ние не добиваме плата за да тренираме, туку самите се финансираме за да ја претставуваме нашата земја.
Дали сметате дека македонските спортисти добиваат доволно внимание и поддршка од јавноста и медиумите?
Не, не добиваат. Медиумите главно ги следат и ги величаат резултатите на колективните спортови – фудбалот, ракометот и кошарката. На јавноста ѝ се претставува дека важни спортови во нашата земја се само тие, па нивните меѓународни, но и домашни натпревари се пренесуваат во живо.
Нашите натпревари не се пренесуваат, иако постојано носиме медали. Медиумите би можеле барем финалните борби да ги пренесуваат во живо во нашата земја, но досега тоа не се случило. Еве, размислете самите кога и дали некогаш некое од нашите европски или светски првенства, барем со финалните борби, било пренесувано во живо од нашите медиуми. А ние секогаш носиме медали.
Колку е важна работата со младите и создавањето спортска култура уште од најрана возраст?
Преку тренинзите, младите спортисти не ги подобруваат само својата кондиција, техника и координација туку ги зајакнуваат и својот карактер и својата самодоверба. Исто така, ментално и психофизички созреваат во здрави и одговорни личности, кои по некое време и самите треба да ги пренесат тие вредности на своите деца и на другите млади спортисти.

Кој совет би му го дале на еден млад спортист кој сонува еден ден да стане светски шампион?
Да верува во потенцијалот што го носи во себе. Секогаш да има цел во она што ќе одлучи да го прави. Да биде упорен, трпелив и одговорен, и да не се разочарува од падовите што ги носи животот, ниту од лошите луѓе околу него. Токму тие падови ќе го направат поотпорен и поискусен, за да може во иднина да ги предвиди и да ги избегне следните.
Да не биде скромен, да ја чува својата визија, да ја посакува зацртаната цел и да се бори за да го оствари она што го наумил. Не постојат неостварливи задачи што човечкиот ум може да ги замисли, туку постојат само недоволно посакувани предизвици поради недостиг на самодоверба.
Колку е голем предизвикот за Македонија да биде домаќин на едно Европско првенство во кикбокс и што значи тоа за македонскиот спорт?
Предизвикот е голем, но воедно е голема и честа што Македонија и градот Скопје ќе бидат домаќини на овој голем настан – Европското сениорско првенство, на кое нашите кикбоксери ќе можат на домашен терен да ја покажат својата подготвеност. На првенството ќе присуствуваат од 1.400 до 1.600 спортисти и тренери. Ние сме во организациски активности уште од февруари и веќе сме при крај.
Сакам да кажам дека воопшто не е мала работа да организирате ваков вид настан, и тоа без помош од спортските институции во нашата земја, кои имаат обврска и постојат за да го помагаат, поддржуваат и да го развиваат спортот. Можам слободно да кажам дека спортските федерации, кога организираат вакви големи настани, се како туристички агенции. Носат гости, им ги покажуваат знаменитостите на нашата земја и градот Скопје, ги сместуваат во скопските хотели и ресторани, а тие купуваат по нашите дуќани и сувенирници и ги користат автобуските превозници. Од тоа сите имаат интерес и профит – хотелите, угостителските објекти, дуќаните, превозниците, но и државата преку приходите од ДДВ. Редно е спортските институции да укажат одредена помош и поддршка.
За македонскиот спорт, ваков настан е од огромна важност, како за промоција на нашиот спорт, така и за можноста борбите да се следат од домашен терен. Со тоа дополнително ќе се поттикнат младите да го изберат токму нашиот спорт.

Кога ја добивте организацијата, која беше првата мисла – огромна чест или огромна одговорност?
Искрено, и двете. Голема чест е што организацијата ВАКО ни ја додели токму нам за ова Европско сениорско првенство. Нашата апликација ја поднесовме уште пред пет-шест години, но тогаш пандемијата со коронавирусот ни ги измеша плановите, па организацијата ја добивме сега. Ова е и голема одговорност, бидејќи треба нашата земја, градот Скопје и нашата федерација да ги претставиме како добри домаќини, да им оставиме убави впечатоци на гостите и да ги поттикнеме повторно да ја посетат нашата земја, овој пат и како туристи.
До каде се подготовките за Европското првенство и дали Македонија е подготвена да ги прими најдобрите кикбоксери од Европа?
Подготовките, иако во тешки услови, ги спроведуваме самите, без никаква помош од спортските институции. Тие се веќе при крај, а самите ќе се потрудиме нашата земја и градот Скопје да ги претставиме во најдобро светло, како добри домаќини.
Македонија е мала земја, но во боречките спортови, посебно во кикбоксот, со години покажуваме дека имаме квалитет да се носиме рамо до рамо со сите големи земји. Сакам да споменам дека преку спортот, нашата земја најдобро се промовира ширум светот. Целиот свет дознава за неа и се информира, а со организирањето вакви настани му овозможуваме да ја види и да ужива во сè она што го нудиме како организатори.
Секоја спортска федерација треба да се бори за можност да организира вакви настани и првенства, бидејќи колку повеќе земји и млади луѓе доаѓаат и нè посетуваат, толку поголем интерес имаат сите. Сите имаме корист од посетата – и државата, и градот домаќин, и хотелиерите, и угостителите, и дуќанџиите.
Која порака би им ја испратиле на македонските навивачи и љубители на спортот – зошто мора да дојдат во „Борис Трајковски“?
Да ги следат нашите резултати, да нè бодрат и да навиваат за нас, исто како што навиваат и за колективните спортови. Златните медали со години наназад ги носат боречките спортови, а ние, со кикбоксот, сме меѓу најуспешните во тоа.
Кристијан ТРАЈКОВСКИ











