Додека Владата бара потенцијален купувач за „Алта банка“ и најавува средби со заинтересирани финансиски институции, клиентите продолжуваат постепено да располагаат со своите средства. Во Битола се исплаќаат пензиите и социјалната помош, а дел од вработените размислуваат за префрлање на сметките во други банки. Случајот отвори и политички реакции, откако опозициската СДСМ побара обвинителна истрага за улогата на премиерот, гувернерот и министерката за финансии. Во меѓувреме, останува неизвесноста околу „Алта банка“ и можните последици за македонските компании

Владата во наредните денови ќе одржи средби со повеќе потенцијални купувачи на „Алта банка“ – АД Битола, со цел да се најде финансиска институција што би ја презела банката и би овозможила надминување на актуелната состојба. Ова го најави премиерот Христијан Мицкоски, кој посочи дека на состаноците ќе учествуваат и министерката за финансии и гувернерот на Народната банка.
– Владата и опозицијата, конкретно СДСМ, имаат различни амбиции. Тие се радуваат на најлошите сценарија, а ние правиме сè за да најдеме решение, односно купувач кој ќе ја купи банката, бидејќи банката е навистина во одлична состојба – изјави Мицкоски.
Мицкоски тврди дека банката е во добра финансиска состојба, односно дека нејзиниот имот значително ги надминува обврските. Тој уверува дека и во најнеповолното сценарио ниту граѓаните ниту компаниите нема да ги загубат своите средства.
– Секој доверител и секој депонент ќе биде обесштетен до последен денар. Огромен дел од депозитите се осигурени од Фондот за осигурување на депозити, додека имотот на банката значително ги надминува нејзините обврски – изјави Мицкоски, упатувајќи критики и кон опозицијата за нејзините реакции околу состојбата.
Премиерот уверува дека дури и во најнеповолното сценарио, граѓаните и компаниите нема да останат без своите средства.
Мицкоски изрази загриженост за состојбата во Србија, посочувајќи дека ограничувањето на менувањето евра во тамошните менувачници на 300 до 400 евра е сериозен сигнал за стабилноста на српскиот банкарски систем. Тој се надева дека ќе биде избегнато најлошото сценарио, имајќи предвид дека Србија е значаен трговски партнер на Македонија.
Мицкоски предупреди дека евентуалното продлабочување на кризата може да се одрази и врз македонските компании. Според него, дел од домашните фирми веќе имаат проблеми со српските деловни партнери, чии сметки и средства се блокирани во „Алта банка“. Тој посочи дека некои од овие компании веќе ги затвориле своите бизниси.
Народната банка за денеска попладне закажа прес-конференција со обраќање на гувернерот Трајко Славески.
Во меѓувреме, и денеска продолжи исплатата на средствата на клиентите на банката. Во четвртокот, 556 пензионери ги подигнаа своите пензии на шалтерите во битолската филијала, а исплатата се одвиваше без проблеми. На располагање им беа ставени најмногу 20.000 денари, согласно со ограничувањата утврдени од Народната банка.
Од денеска, пак, започна и исплатата на социјалната помош, откако Министерството за социјална политика ги префрли средствата на сметките на банката. Филијалата во Битола работи во две смени, а исплатата продолжува и во сабота. Следната недела се очекува отворање шалтери и во други градови.
Состојбата создава дополнителна неизвесност и кај вработените во јавните и општинските претпријатија кои платите ги примаат преку „Алта банка“. Дел од нив добиле можност од директорите доброволно да се одлучат за префрлање на трансакциските сметки во други банки, со цел полесно да располагаат со своите приходи. Во меѓувреме, и други банкарски институции ги повикуваат граѓаните да отворат кај нив платежни сметки, нудејќи продолжено работно време на филијалите во Битола.
– Со цел да излеземе во пресрет на поголемиот број на граѓани од Битола на кои во овој период им е потребно да отворат платежна сметка, нашата филијала и експозитура во градот, денес и утре ќе работат со продолжено работно време, до 18:00 часот. Нашите тимови ќе ви бидат на располагање за сите потребни информации и поддршка – известија од една банка.
Во меѓувреме, СДСМ побара Јавното обвинителство да отвори истрага за премиерот Мицкоски, гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, и министерката за финансии, Гордана Кочоска, во врска со влезот на „Алта банка“ на македонскиот пазар. Портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, обвини дека функционерите имале улога во овозможувањето на влезот на банката, а сега ја префрлаат одговорноста. СДСМ побара и вклучување на Европското јавно обвинителство за проверка на текот на парите и утврдување на евентуална одговорност.
Дали најавените разговори со потенцијалните инвеститори ќе резултираат со преземање на банката, останува да се види. Во меѓувреме, приоритет останува постепено и безбедно овозможување пристап до средствата на граѓаните и компаниите.
(С. Бл.)












