Силното невреме кое на 21 јули го зафати скопското подрачје, откри бројни слабости во системот за заштита и спасување, кој треба да се применува во вакви случаи. Освен застарени и ненавремено ревидирани планови за заштита и спасување и процени на ризиците посебно слабо функционира Секторот за заштита и спасување на Градот Скопје и неговиот актуелен раководител. Потребни се промени кои треба да започнат со изработка на Оперативниот протокол за безбедноста на македонската метропола. На постоењето на ваквите сериозни проблеми во системот на заштитата на Скопје на последната седница на Советот на Град Скопје укажа советникот од Движењето ЗНАМ, генерал Горанчо Котески, кој што е истовремено и претседател на градската Комисија за безбедност, заштита и спасување.
Пред градските советници, Котески ги информира за одржаната седница на Комисијата на која фокусот бил преземањето на активности по јулското невреме и предлог мерки за подобра заштита и безбедност на граѓаните при природни непогоди и несреќи. Тој објасни дека приоритетен заклучок бил да се изработи Оперативен протокол за безбедноста на Град Скопје во случај на природни непогоди во првите 72 часа.

– Оперативниот протокол да се изработи во рок од 50 дена од страна на Секторот за заштита и спасување на Град Скопје. Ние имавме невреме и тоа не значи дека во текот на зимава нема да имаме слично невреме кое може да има катастрофални последици по граѓаните. Заклучивме дека во овој дел Комисијата заклучи дека има простор за поправка на активностите во делот на заштитата и спасувањето од страна на секторот за заштита и спасување и на Градоначалникот и неговиот штаб. Само да илустрирам дека општините немаа еднакви активности. Тоа значи дека граѓаните не беа правовремено известени дека ќе има невреме, второ, граѓаните не беа известени каде да се обратат за одредени штети кои ги претрпеа – сите општини имаа различни процедури кои не се соодветни за Законот за заштита и спасување – укажа Котески.
Тој оцени дека Градот Скопје и Секторот за заштита и спасување треба да имаат подобра координација со МВР, ДЗС, ЦУК…
– Сакам и да известам и за нешто загрижувачко околу тоа што една година по преземањето на оваа функција, настојувам да дојдам да Планот за заштита и спасување на Градот Скопје. Добив само одговор дека имаме План за заштита и спасување од 2010 година. Тоа е недопусливо за град од 600.000 жители. Јас сметам и чувствувам одговорност кон граѓаните дека слушнав дека ние сме овде да го градиме системот, да ги градиме заштитата и безбедноста на граѓаните. Мене овде не ми е целта да изгласам некои одлуки, да земам паушал и да си одам дома. Јас се вклучив овде, во Советот, да ги градиме системски решенијата што значат подобра безбедност, заштита, подобар ред и организација во Градот Скопје – нагласи Котески. Додава дека граѓаните имаат право да очекуваат дека институциите ќе реагираат навреме, дека некој ја следи нивната безбедност и дека постои организиран систем за заштита и спасување.
-Не смееме да чекаме да се случи трагедија за да утврдиме кој бил надлежен, кој требало да реагира и зошто не реагирал. Безбедноста на граѓаните е обврска, а не добра волја на институциите, вели Котески за весникот ВЕЧЕР.
Јулското невреме остави значителни последици на скопското подрачје. Беа урнати околу 200 дрвја, оштетени десетици и десетици автомобили, покриви на згради, семафори, бандери, електрични кабли… Само Центарот за управување со кризи прими над 9.000 повици за итна помош во Скопје.

Котески посебно го стави на тапет функционирањето на скопскиот Сектор за заштита и спасување. Оттаму дури не се ни одѕвале на повикот за присуство на седницата.
– Сектор за заштита и спасување – Град Скопје е составен од 7 членови и 2 секретарки и нема капацитет да ги извршува овие работи. Затоа следниот заклучок беше до градоначалникот, во рок од 30 дена да го разгледа составот и систематизацијата на овој Сектор и да донесе соодветна одлука. Сметам дека раководителот на овој Сектор подолго време не ја извршува својата должност адекватно. И тука градоначалникот мора да преземе мерки. Во спротивност, нека ја преземе одговорноста за функционирањето на безбедноста и заштитата на граѓаните на Градот Скопје – нагласи Котески.
Тој додаде и дека од 2021 година, во Градот Скопје постои процена на ризиците за безбедноста на граѓаните на Град Скопје, во чија изработка учествуваа стручњаци.
– Таа процена до ден денеска не е ревидирана. Не можеме вака да се движиме, само со зборови. Треба со дела и работа да ја вратиме довербата кај граѓаните, како и со одговорност и чесност. Не можеме да ја вратиме довербата со расправање меѓу себе и со носење решенија кои не одат во полза на градот – нагласи Котески. (Б. Ѓ.)












