Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, предложи измена на постојната одлука на Советот на Општина Аеродром, со која старосната граница за ослободување од плаќање на општинскиот дел од комуналиите за изградба на прв дом ќе се зголеми од 35 на 40 години.
Со оглед на новата одлука на Град Скопје со која младите брачни парови до 40 години и самохраните родители се ослободуваат од градскиот дел од комуналиите, градоначалникот Митески предлага усогласување на општинската одлука, со цел да се овозможи поголема поддршка за младите што сакаат да го изградат својот прв дом на територијата на Општина Аеродром.
– На тој начин, заедно со ослободувањето од градскиот дел, ќе се создадат услови за целосно ослободување од комуналиите за оние млади што ги исполнуваат предвидените критериуми – нагласуваат од Општина Аеродром.
Освен старосната граница, другите услови за остварување на ова право остануваат непроменети.
Предложената измена се очекува да биде разгледана на првата наредна седница на Советот на Општина Аеродром, од чија поддршка ќе зависи нејзиното усвојување.












