Рамзан Кадиров, чеченскиот лидер и лојален сојузник на рускиот претседател Владимир Путин, обезбеди петти последователен мандат како лидер на својата автономна република во јужна Русија.
Според резултатите од изборната комисија, тој освоил импресивни 99,85 проценти од сите гласови, со што дури и го подобрил својот резултат од 2021 година. Гласањето се одржа за време на парламентарните и регионалните избори низ Русија, на кои, како што и се очекуваше, откако повеќето кандидати кои се противат на војната беа отстранети од изборниот процес, победи партијата „Единствена Русија“, поддржана од Кремљ.
Кадиров со Чеченија управува како со свој личен феуд, во замена за одржување на стабилноста во овој планински регион по бурните бунтови во текот на 1990-тите. Тој редовно ја истакнува својата апсолутна лојалност кон рускиот претседател и зазема цврст став во однос на војната во Украина.
Меѓународните набљудувачи и организациите за човекови права веќе долго време го критикуваат изборниот процес во тој регион и го обвинуваат режимот на Кадиров за масовни кршења на човековите права. Чеченскиот лидер тоа го негира и таквите обвинувања ги нарекува западна провокација.
Сепак, во светски рамки Кадиров не е оној кој освоил најмногу гласови на избори. Меѓу они кои ја имаат апсолутната власт убедливо води Ким Џонг Ун, лидерот на Северна Кореја, кој на последните избори во март годинава освои 99,93 проценти од гласовите. Излезноста била неверојатни 99,99 проценти.
Од друга страна, Александар Лукашенко на претседателските избори во Белорусија во јануари минатата година освои седми последователен мандат со 86,8 проценти од гласовите. На изборите излегле 98,7 проценти од запишаните избирачи.












