Според градските власти, посебниот временски термин за фрлање смет на сопствениците, односно корисниците на угостителските објекти, се воведува, пред сè, поради нивниот временски период на работење, начинот на создавање на отпадот, како и видот на сметот што се создава.
– Со тоа, во голема мера ќе се реши проблемот со преполнување на контејнерите што се наменети за домаќинствата – сметаат градските власти, нагласувајќи дека угостителите ќе плаќаат за подигнувањето на ѓубрето според ценовникот на претпријатието
Угостителските објекти во Скопје ќе можат да го фрлаат ѓубрето до 1:00 часот по полноќ. Советот на Град Скопје, на последната седница, ја прифати иницијатива на скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, за измена на одлуката за комунален ред во градот.
Според градските власти, посебниот временски термин за фрлање смет на сопствениците, односно корисниците на угостителските објекти, се воведува, пред сè, поради нивниот временски период на работење, начинот на создавањето на отпадот, како и видот на сметот што се создава.
Од Град Скопје информираат дека екипите на ЈП „Комунална хигиена“ работат на оваа проблематика и веќе склучуваат договори со угостителите за добивање сопствени контејнери.
– Со тоа, во голема мера ќе се реши проблемот со преполнување на контејнерите што се наменети за домаќинствата – сметаат градските власти, нагласувајќи дека угостителите ќе плаќаат за подигнувањето на ѓубрето според ценовникот на претпријатието.
Како што потенцираат од Град Скопје, решавањето на оваа проблематика со отпадот од угостителските објекти се должи на набавката на 3.300 нови контејнери, што, според градските власти, претставува најголема набавка од ваков вид во историјата, насочена кон унапредување на системот за собирање и управување со отпад во Скопје.
– Со новите се заменуваат скршените и дотраени контејнери, се зголемува нивниот број и се обезбедуваат повеќе места за правилно фрлање на отпадот. Новите контејнери, заедно со новите специјализирани комунални возила, во голема мера ќе придонесат за надминување на состојбата со отпадот во Скопје и ќе се создадат подобри услови за одржување на јавната хигиена, а нивната употреба дополнително ќе придонесе за почисти улици, булевари и јавни површини – велат од Град Скопје.
Оттаму додаваат дека ќе продолжат посветено да работат на унапредување на системот за собирање и управување со отпадот во главниот град, што е од интерес за сите граѓани.
Инаку, на први април, Град Скопје донесе одлука според која угостителските објекти, рестораните, локалите, баровите, канцелариите и пазарите, како и оние што вршат дејност трговија на големо и на мало, ќе бидат должни да склучат договор за собирање и транспортирање на отпадот со ЈП „Комунална хигиена“. Претходно ќе бидат должни да вршат селекција на отпадот на местото на негово создавање, во посебни садови, различни од оние наменети за домаќинствата. Воедно, во ноември лани, донесоа и друга, со која сметот од колективните и од индивидуалните станбени објекти се фрла во временскиот период од 6:00 до 22:00 часот. Оваа одредба важи за сите правни и физички лица од колективните и од индивидуалните станбени објекти, а за непочитување следува парична казна од 50 евра, која сега се менува за угостителите.
(А. П.)












