сабота, ноември 7, 2026
Дома МАГАЗИН ChatGPT вмешан во обид за убиство: Маж ги откри плановите на својата...

ChatGPT вмешан во обид за убиство: Маж ги откри плановите на својата сопруга!

0

Американецот Џејмс Гејтс од Северна Каролина тврди дека неговата сопруга со месеци користела ChatGPT за да планира како да го отруе, а сега поднел тужба против компанијата OpenAI, обвинувајќи ја дека четботот ѝ давал конкретни совети и инструкции за обидот за убиство.

Целиот случај добил бизарен пресврт откако Гејтс ненадејно тешко се разболел во својот дом. Во тој период пронашол рачно напишана белешка на која, покрај список со отровни растенија, меѓу кои и олеандер, и лекови што се издаваат на рецепт, стоеле две особено сомнителни инструкции: „Избриши ги сите разговори“ и „Одјави се од ChatGPT“.

Неговата сопруга Шерил Гејтс првично била обвинета за обид за убиство, но кривичните обвиненија подоцна биле отфрлени поради недостиг на докази. Сепак, новата граѓанска тужба отвора сериозни прашања за нејзината повеќемесечна комуникација со вештачката интелигенција.

Според наводите во тужбата, Шерил внимателно ги формулирала своите прашања, претставувајќи ги како обид да се заштити себеси, а не како план за нанесување штета на сопругот. Таа, наводно, прашувала колку листови олеандер се потребни за смртоносна доза и на кој начин отровот може незабележливо да се стави во храна или пијалак.

Во тужбата се наведува дека тогашниот модел GPT-4o не само што одговарал на нејзините прашања, туку и ги поттикнувал нејзините брачни фрустрации. Четботот, според тврдењата на Гејтс, ги прифаќал нејзините негативни оценки за сопругот, го претставувал како манипулативна личност и ѝ упатувал комплименти за нејзината интелигенција.

Особено загрижувачки се наводите дека ChatGPT давал и конкретни совети за прикривање на лекови во пијалаци. Кога Шерил прашала дали е подобро да ги стави во пиво или во енергетски пијалак, четботот, според тужбата, анализирал како вкусот, температурата и газираноста можат да влијаат врз нивното прикривање.

Дополнително, таа наводно добила уверување дека избришаните разговори не можат да бидат обновени, дури ни од страна на OpenAI или судските органи преку корисничкиот профил.

Од компанијата OpenAI реагирале со соопштение во кое нагласиле дека безбедноста е нивен главен приоритет.

„Ја блокиравме оваа корисничка и ги доставивме сите информации до органите на прогонот во рамките на нивната истрага за овој случај“, изјавил портпаролот на компанијата.

Џејмс Гејтс, пак, во својата изјава открил колку драматично се променил неговиот живот додека сопругата комуницирала со четботот.

„Таа ги изнесуваше своите брачни незадоволства пред ChatGPT, а месеците комуникација ја оддалечуваа сè повеќе од самата себе и од реалноста. Стана личност што повеќе не ја препознавав, а јас станав човек што таа сакаше да го види мртов. Речиси една година не можев да ги разберам нејзините постапки. Потоа ги прочитав записите од разговорите. Не изгледаше како да била сама“, изјавил Гејтс.

ИЗДВОЕНИ