Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изјави дека ребалансот на буџетот за 2026 година е насочен кон обезбедување дополнителни средства за капитални инвестиции, исполнување на обврските од колективните договори и за поддршка на развојните политики што директно влијаат врз квалитетот на живот на граѓаните.
Таа нагласи дека при подготовката на ребалансот, Министерството за финансии ги зело предвид реалните потреби на граѓаните и на институциите, а не само буџетските показатели.
Според Димитриеска-Кочоска, капиталните инвестиции не треба да се гледаат како трошок, туку како вложување во идниот развој на државата, бидејќи придонесуваат за економскиот раст и за подобрување на животниот стандард.
– Капиталните инвестиции директно влијаат на БДП, а по нивната реализација, имаат позитивни ефекти врз економијата и врз квалитетот на живот – изјави министерката, додавајќи дека зголемувањето на капиталните расходи е резултат на подобрената реализација на проектите и на поголемата посветеност на институциите.
Во однос на приходите, таа истакна дека наплатата на ДДВ и на другите даноци се движи согласно со проекциите и дека засега нема значително отстапување.
– Податоците покажуваат дека приходите се движат во согласност со планот и нема основа за тврдења дека буџетот се соочува со проблеми во наплатата – рече Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека буџетскиот дефицит треба да се оценува како процент од БДП, а не преку апсолутни бројки, бидејќи само така може реално да се споредува меѓу различни периоди. Воедно, нагласи дека Министерството за финансии продолжува со внимателното управување со јавните финансии и со обезбедувањето средства за развојни проекти што ќе дадат долгорочни резултати за економијата.












