Неисплатени субвенции по грло добиток, едногодишно доцнење на премиите за произведено и предадено млеко, драстично намалени откупни цени, проблеми со откупот на јагнињата, неможност да го подигнат житото од силосите и административни пречки за добивање сертификати за здравствената состојба на добитокот. Ова се само дел од проблемите со кои, според сточарите, со месеци се соочува македонското сточарство.
Незадоволството, велат, го достигнало врвот, поради што Здружението на сточари од Пелагонија „Пелагониско Поле“ најавува протест во Битола. Од Здружението ги повикуваат сите сточари и земјоделци што се незадоволни од состојбите во секторот и од динамиката на исплатата на субвенциите да им се придружат на протестот. Најавена е блокада пред подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Битола, со цел институциите, како што велат, конечно да ги слушнат нивните барања и да преземат конкретни мерки за спас на сточарството.
– Имаме неисплатени субвенции по грло говедо за 2025 година, како и неисплатени премии за предадено млеко во преработувачките капацитети уште од јуни минатата година, што значи дека доцнат веќе 12 месеци. Стравуваме да не ни се повтори сценариото од 2024 година и повторно да останеме без субвенциите што ни следуваат. Во исто време, млекарниците ја намалија откупната цена за 10 денари. Лани млекото се откупуваше по 33 денари за литар, а сега цената е само 22 денари – изјави за весникот ВЕЧЕР Борче Бучински од Здружението „Пелагониско Поле“.
Тој посочува дека додека цените на млекото и на млечните производи во маркетите постојано растат, производителите добиваат сè помалку за својот труд.
– Сè поскапува: млекото, сирењето, кашкавалот, јогуртот… Само суровото млеко што го произведуваме ние има сè пониска цена. Денес, еден литар млеко се откупува за цена колку една чашка јогурт или колку литар вода во шише во маркет. Ние им даваме квалитетно млеко на млекарниците, по многу ниски цени, а тие остваруваат огромни профити на нашиот грб – вели Бучински.
Покрај проблемите со млекото, сточарите се жалат дека не можат да си го подигнат житото од жетвата во 2025 година, кое, согласно со договорите со државата, го предале на чување во силосите.
– Сега силосите не ни го даваат житото, а за негово преземање бараат од три до пет денари од килограм за чување. Тоа е огромен дополнителен трошок и практично значи дека треба да платиме речиси половина од вредноста на житото само за да си го земеме назад – велат сточарите.
Дополнителен проблем, според нив, претставува и застојот во откупот на јагнињата.
– Откупните центри не го преземаат јагнето, а за да добиеме субвенции, најмалку 30 проценти од производството мора да биде предадено во регистрирани кланични капацитети. Јагнињата растат, а откуп нема. Воедно, не можеме да добиеме ниту сертификати за здравствената состојба на добитокот, бидејќи државата им должи средства на ветеринарните амбуланти, па тие одбиваат да земаат крв за лабораториски анализи. Без тие сертификати, не можеме да ја носиме стоката на сточен пазар, ниту легално да ја продаваме – изјави за ВЕЧЕР Горан Ризоски од Здружението.
Со слични проблеми, велат, се соочуваат и земјоделците. Освен што чекаат исплата на субвенциите, тие се жалат и за ниските откупни цени на земјоделските производи.
– За пиперот сè уште не ни се исплатени субвенциите по единица површина и по предадени количини. Добиваме само потврди дека сме предале одредени количини, но исплата нема – вели земјоделецот Јове Ангелески.
Инаку, според Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2026 година, која Владата ја усвои во февруари годинава, за поддршка на земјоделството се предвидени околу шест милијарди денари. Сепак, според земјоделците и сточарите, најголем дел од тие средства сè уште не се стигнати до производителите, поради што бараат итна исплата на заостанатите субвенции и системски мерки за стабилизирање на домашното земјоделско производство.
(А. С.)












