Кошаркарскиот клуб Реал Мадрид влегува во сезоната 2026/27 со најголемиот буџет во својата историја. Според шпанските медиуми, „кралевите“ ќе инвестираат рекордни 67,2 милиони евра, и покрај огромните загуби од 33,2 милиони евра што ги забележале во претходната сезона.
Дефицитот бил покриен со приходите од фудбалската секција, а буџетот за персонал сега е зголемен на 52,7 милиони евра. Од таа сума, 44,4 милиони бруто се наменети за играчите и стручниот штаб, односно околу 24 милиони евра нето.
Сепак, Реал нема да биде клубот со најголем вкупен буџет во Евролигата. Таа позиција ја има Хапоел Тел Авив со околу 70 милиони евра, додека Панатинаикос издвојува најмногу за плати на играчите и стручниот штаб – 34 милиони евра.
Меѓу клубовите со големи инвестиции се и Фенербахче со 44 милиони, Олимпија Милано со 40, Париз со 30 и Жалгирис со 28 милиони евра.











