Почнуваат градежните активности на осум улици во Кочани и во населените места Долни Подлог и Прибачево. Избраниот економски оператор, „Гама градба“, веќе почна со работа на улиците „8“ и „11“ во Долни Подлог, каде што е во тек подготовка на теренот. Градежните активности ќе продолжат и во Прибачево, на улиците „Гоце Делчев“ и „Маршал Тито“, како и во Кочани, на улиците „Боро Ловџија“, „Илинденска“, „Јане Сандански“ и „Искра“.
– Со рехабилитацијата ќе се подобрат пристапноста и безбедноста во сообраќајот, ќе им се олесни секојдневното функционирање на жителите и ќе се создадат подобри услови за движење на пешаците и на возилата – соопштија од Општина Кочани.
Средствата за реализација на овие активности се обезбедени од буџетот на Општина Кочани, преку Програмата за уредување градежно земјиште, а вкупната вредност на договорот изнесува 7.938.203 денари со вклучен ДДВ.











