Продолжува информативниот карван за презентација на мерките од Оперативниот план за вработување за 2026 година, со средби во Куманово, Гевгелија и во Кавадарци.
Во Куманово, пред поголем број заинтересирани невработени лица, се дискутираше за можностите, деталите и за начинот за аплицирање на трите јавни повици од мерката за самовработување (претприемништво).
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, се осврна за мерките во Оперативниот план, кои се директно наменети за младите лица, каде што тие имаат историски голема вклученост.
– Младите се во фокусот на Оперативниот план, им даваме голем број можности да се реализираат на професионален план, а со тоа и да останат дома и да го намалиме трендот на иселување. Покрај мерките за самовработување, каде што во подмерките се предвидени средства за 1.158 млади лица, тие се вклучени и имаат предност во сите други мерки. Со мерката „Поддршка за креирање а нови работни места“, за компаниите најголема поддршка, во висина од 250.000 денари, е предвидена за вработување млади лица. Преку мерката „Младински додаток“ поддржуваме 3.500 млади лица до 23 години што работат во производствените капацитети, со додаток во износ од 3.000 денари месечно, за 1.150 лица до 29 години – финансиска поддршка за практиканство и многу други мерки. Младите се во фокусот на Оперативниот план и во него е предвидено да се вклучат најмалку 5.808 млади лица до 29 години или 56,1 % од вкупниот опфат – кажа Ристески.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, ги повика жителите на Општина Куманово да аплицираат на јавните повици од мерката за самовработување и да добијат грантови од 7.000 до 10.000 евра за отворање сопствен бизнис.
Јавните повици за овие мерки се активни до 3 јули 2026 година.












