Цените на нафтата продолжија да се намалуваат, бидејќи инвеститорите, покрај случувањата на Блискиот Исток, сè повеќе се фокусираат на изгледите за глобално снабдување.
Меѓународниот репер брент за испорака во август поевтини за 2,03 отсто, на 73,73 долари за барел, додека американската лесна нафта WTI падна за 2,11 отсто, на 70,40 долари за барел.
Пазарите останаа релативно мирни и покрај информациите дека Иран стои зад нападот врз товарен брод под знамето на Сингапур, во близина на брегот на Оман. Британската служба за поморска безбедност соопшти дека во инцидентот нема жртви, ниту еколошка штета.
Генералниот секретар на Меѓународната поморска организација, Арсенио Домингес, изјави дека привремено е сопрено спроведувањето на планот за евакуација на дел од бродовите, додека повторно се проверуваат безбедносните гаранции за пловидба во регионот.
Дополнителна неизвесност создаваат и тензиите меѓу Иран и САД околу користењето на одмрзнатите ирански средства. Техеран ги отфрла тврдењата на администрацијата на Доналд Трамп дека би се користеле тие за купување американски земјоделски производи, додека Вашингтон инсистира дека средствата ќе останат под негова контрола и ќе бидат наменети исклучиво за хуманитарни потреби.
И покрај геополитичките ризици, цените на нафтата паѓаат, бидејќи инвеститорите очекуваат дипломатските напори да го намалат ризикот од нарушување на снабдувањето, иако ситуацијата во Хормускиот Проток останува неизвесна.
Дополнителен фактор на неизвесност е и состојбата во ОПЕК. По заминувањето на Обединетите Арапски Емирати, и Ирак побара повисока производствена квота и предупреди дека би можел да го напушти картелот доколку не бидат прифатени неговите барања.












