Уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и од Украина ќе бидат дел од меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања 2026“, која ќе се одржи од денеска до 6 јули, во ресторанот „Виа игнација“ во Вевчани.
Колонијата, како што информира организаторот, ќе биде отворена со концерт на групата „Љубојна“ и музичкото дуо Мицевски – Пејчиноски.
– Вевчани повторно ќе биде место за уметничко творештво, средби, културна размена и инспирација. Оваа година на колонијата ќе учествуваат уметници од Македонија, Србија, Романија, Полска и од Украина, со што „Вевчански видувања“ уште еднаш ги потврдува својата меѓународна димензија и отвореноста кон различни уметнички искуства и изрази. Уметниците ќе создадат нови дела инспирирани од Вевчани, неговите природа и архитектура, културна меморија и посебна атмосфера. На тој начин, „Вевчански видувања“ продолжува да ја негува својата основна мисија: создавање уметнички дела, поттикнување културен дијалог, поддршка на младите таленти и градење трајни врски меѓу уметниците, публиката и заедницата – се наведува во соопштението.
Дел од годинашната програма, како што е истакнато, е и проектот за млади сликари таленти.
– Младите уметници добиваат можност да бидат дел од колонијата, да работат во непосредна комуникација со афирмирани автори и да стекнат вредно искуство во средина што поттикнува творештво, размена и професионален развој. Во рамките на колонијата ќе се одржи и Четвртата детска ликовна школа, која ќе ја води проф. Марјана Костојчиноска-Узунчева. Оваа програмска активност има цел да ја поттикне креативноста кај најмладите, да ги приближи децата до ликовната уметност и да создаде простор за нивно слободно уметничко изразување – информира претседателката на „Вевчански видувања“, Ефимија Угриновска-Кукоска.
Таа нагласи дека колонијата има особено значење за Вевчани, затоа што ја поврзува локалната културна традиција со современите уметнички практики и ја отвора за пошироката домашна и меѓународна публика.
– Нејзиното континуирано одржување од 2009 година до денес е потврда за посветеноста на организаторите, уметниците, пријателите и на нејзините поддржувачи кон развојот на културата и на уметноста – заклучи Угриновска-Кукоска.











