Во Националниот парк „Маврово“ почна поставувањето минерални и витамински блокови наменети за дополнување на исхраната на дивечот во текот на есенските и на зимските месеци.
Од Управата на паркот информираат дека се спроведуваат активностите во подрачјата на повисока надморска височина, а ги реализира Службата за заштита на природата, во рамките на редовните есенски активности.
– Во овој период, ренџерите и вработените во Службата за заштита на природата се на терен и поставуваат минерални и витамински блокови. Тие се наменети како дополнување на исхраната на дивите животни во текот на есенските и на зимските месеци – посочуваат од управата на паркот.
Притоа, додаваат дека ова прихранување е особено корисно за тревопасните животни, како дивите кози и срнечкиот дивеч, кои во овој период имаат потреба за одржување на виталноста, но тоа е корисно и за другите животни.
Паралелно со овие активности, се спроведуваат редовните контроли и обиколки на терен. На тој начин, како што информираат од управата на НП „Маврово“, се врши следење на состојбите и грижа за дивиот свет.












