Четириесетина коњаници, меѓу кои и пет девојки, ја продолжуваат една од најгордите македонски традиции: Илинденскиот коњички марш од Горно Лисиче до Крушево. Со благослов, развиорено знаме и со мисла за илинденските херои, тие вечерва тргнуваат на пат долг неколку дена, носејќи ја со себе приказната за слободата и за македонскиот дух. – Ова не е само патување туку и сведоштво за љубовта кон Македонија – порача градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Покрај коњичкиот марш, Македонија добива уште една пешачка илинденска приказна. На 26 јули, во црквата „Свети Спас“ во населбата Маџари, беше благословен Илинденскиот пешадиски марш „Маџари – Мечкин Камен“, во организација на Здружението „Македонски аманет – Македонец за Македонец“, со поддршка од градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Овој марш, кој се одржува по третпат, годинава ќе трае шест дена. Учесниците ќе изодат околу 170 километри – од Маџари, преку Велес, Богомила и Прилепско, па сè до Крушево и Мечкин Камен, каде што на Илинден ќе им оддадат почит на хероите. – Да не се заборави крвта пролеана за Македонија е мотото под кое тргнаа пешаците на овој долг и тежок пат

Со песна, македонско знаме и со коњски чекор, вечерва од Горно Лисиче тргнуваат коњаниците што веќе 48 години ја чуваат традицијата на Илинденскиот коњички марш. Околу 40 храбри луѓе, меѓу кои и пет девојки, ќе се качат на своите коњи и ќе го фатат патот кон славното Крушево, каде што на 2 Август ќе им се поклонат на илинденците и на сите борци за слобода.
Дворот на црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче вечерва е место каде што ќе се спојат минатото и сегашноста. Со гордост, и возбуда, и она чувство што тешко се опишува – дека се продолжува нешто оставено од предците.
Пред тргнувањето, свечено ќе ги испратат коњаниците, а поддршка им дава и Општина Аеродром. Градоначалникот Дејан Митески ќе им го предаде знамето на Општината, како симбол на почит и поддршка кон луѓето кои, како што велат, не дозволуваат традицијата да згасне.
– Со особена чест и гордост ги испраќаме нашите коњаници кон славното Крушево. Нивниот марш не е само патување туку и живо сведоштво за љубовта кон Македонија, за почитта кон делото на илинденците и за духот што се пренесува од колено на колено – порача Митески.
Се очекува голем број присутни да ги испратат овие храбри луѓе на пат и со аманет да ги пренесат спомените за хероите од Илинден 1903, со желба да се зачува она што се пренесува со години, од генерација на генерација.
Организатор на традиционалниот марш е Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978“ од Горно Лисиче, кое речиси половина век ја негува оваа манифестација. Секоја година коњаниците се собираат со истата цел: достоинствено да го одбележат најголемиот македонски празник и да стигнат до Крушево, местото каде што најсилно се чувствува историјата на Илинден.

Покрај коњичкиот марш, Македонија добива уште една пешачка илинденска приказна. На 26 јули, во црквата „Свети Спас“ во населбата Маџари, беше благословен Илинденскиот пешадиски марш „Маџари – Мечкин Камен“, во организација на Здружението „Македонски аманет – Македонец за Македонец“, со поддршка од градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.
Овој марш, кој се одржува по третпат, годинава ќе трае шест дена. Учесниците ќе изодат околу 170 километри – од Маџари, преку Велес, Богомила и Прилепско, па сè до Крушево и Мечкин Камен, каде што на Илинден ќе им оддадат почит на хероите.
– Да не се заборави крвта пролеана за Македонија е мотото под кое тргнаа пешаците на овој долг и тежок пат.
(С. Бл.)












