Поранешната ѕвезда на Реал Мадрид, Хамес Родригез, беше итно хоспитализирана поради сериозен здравствен проблем во текот на репрезентативната пауза со колумбиската репрезентација. Неговиот сегашен клуб, Минесота јунајтед, објави официјално соопштение со повеќе детали за неговата здравствена состојба. Според извештајот, станува збор за тешка дехидрација, која не е поврзана со повреди на мускулно-скелетниот систем или со неговите фудбалски активности.
- Важно е да се разјасни дека не е поврзано ова со повредите или со активностите на теренот. За среќа, сегашниот медицински извештај покажува подобрување – се наведува во соопштението на клубот.
Родригез мораше да го пропушти клучниот натпревар против Лос Анџелес галакси, но Минесота успеа да слави со 2:1 и покрај неговото отсуство. Тој беше отпуштен од болница и постепено се враќа на тренинзите, под надзор на медицинскиот тим.
Тренерот на Минесота, Камерон Ноулс, откри дека играчот редовно добива совети од медицинскиот тим и постепено ќе биде интегриран во тренинзите.
- Причината зошто некој пропушта меч е различна, се случуваат повреди, болести, животни ситуации. Ова е шанса за другите играчи да се истакнат – рече тренерот.
Родригез е капитен на колумбиската репрезентација и ќе ја предводи на претстојното Светско првенство. Колумбија се наоѓа во групата К, заедно со Португалија, Конго и со Узбекистан.
Иако хоспитализацијата предизвика загриженост меѓу навивачите, клубот уверува дека има напредок и дека играчот постепено се враќа кон оптималната форма. Фокусот сега е ставен на подготовките за Светското првенство, каде што Родригез ќе има клучна улога во својата селекција.











