четврток, јуни 18, 2026
Дома МАГАЗИН Со донација од најмалку 10 милиони долари на „Мет Гала“ , милијардерот...

Со донација од најмалку 10 милиони долари на „Мет Гала“ , милијардерот Безос и неговата сопруга си „купија место“ во елитниот круг на Ана Винтур

1526

Милијардерот Џеф Безос и неговата сопруга Лорен Санчез издвоија најмалку 10 милиони долари за да бидат меѓу главните спонзори на овогодинешната „Мет Гала“, откриваат извори.

Со овој потег, двојката ја зацврсти својата позиција меѓу највлијателните гости на модната вечер, но исто така го обезбеди и одобрението од легендарната уредничка Ана Винтур, која со години стои зад организацијата на настанот и собирањето средства за Центарот за дизајн на костуми во Музејот на уметноста Метрополитен.

Безос и Санчез ја имаат и почесната улога на копретседатели на вечерта оваа година, заедно со ѕвезди како Бијонсе, Никол Кидман и Венус Вилијамс.

Иако е еден од најпрестижните настани во модната индустрија, одлуката за сè повеќе вклучување на богати технолошки магнати предизвика мешани реакции. Некои инсајдери тврдат дека тоа го поткопува традиционалниот имиџ на Мет Гала како простор резервиран за креативност, влијание и уметнички придонес.

„Луѓето доаѓаа тука за работа и влијание, а не само за пари“, изјави долгогодишен гостин за „Пејџ сикс“.

Поранешната организаторка на настанот, Стефани Винстон Волкоф, истакнува дека Мет Гала го променила својот карактер со текот на годините.

„Порано беше прослава на дизајнерите и нивната уметност. Денес, сè повеќе станува збор за финансии и влијание“, предупреди таа.

Сепак, финансиската реалност е неумолива. Минатата година беа собрани рекордни 31 милион долари, а проценките се дека овогодинешниот настан, благодарение на големите спонзори како Безос, дополнително ќе ја подигне летвата.

Поединечните билети за 2026 година чинат дури 100.000 долари, додека масите достигнуваат цени од 350.000 долари.

Безос, чие богатство се проценува на повеќе од 230 милијарди долари, претходно беше поврзуван со модата преку „Амазон“, но неговиот сегашен имиџ и јавните појавувања, особено со неговата сопруга, претставуваат целосен пресврт во однос на претходните години.

ИЗДВОЕНИ