четврток, ноември 5, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Мицкоски: Немаме недостиг на реформи, туку политички услови

Мицкоски: Немаме недостиг на реформи, туку политички услови

63

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека извештајот на Европската комисија бележи напредок во реформите и порача дека државата нема недостиг од реформи, туку од преостанати политички услови. Тој нагласи дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати, без условување со билатерални прашања. Евроамбасадорот Михалис Рокас истакна дека Македонија е меѓу првите три земји според подготвеноста за европската агенда. Сепак, посочи дека уставните измени од 2022 година остануваат неисполнета обврска. Рокас порача дека ЕУ е подготвена да ги отвори преговорите веднаш штом бидат усвоени уставните измени

ЕУ го признава реформскиот напредок, но уставните измени остануваат услов за преговори 

 

Европската Унија останува стратешка определба на Македонија, но процесот на проширување мора да се темели на исполнување на критериумите и постигнатите резултати, а не на билатерални спорови. Ние немаме недостиг на реформи туку преостанати политички услови. Не бараме привилегии, туку доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати, истакна премиерот Христијан Мицскоски на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот на Европската Унија во земјава, Михалис Рокас, кој му го врачи Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава. Мицкоски истакна дека забелешките на Комисијата се сфаќаат сериозно и дека институциите мора да продолжат со реформите, но нагласи дека главната пречка за евроинтеграциите се преостанатите политички услови, а не недостигот на реформи. Членството во ЕУ, додаде, останува стратешка цел на државата, при што очекува напредокот да се вреднува според постигнатите резултати.

– Веруваме во Европа која ги исполнува своите ветувања. Која ги почитува своите принципи. И која има доволно самодоверба да ја продолжи својата историска мисија на обединување,  рече Мицкоски и уште еднаш ја потврди посветеноста на реформскиот процес и на соработката со европските институции и најави дека властите ќе продолжат да работат со истата посветеност.

Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека извештајот на Европската комисија е подобар од минатогодишниот, со забележан напредок во Реформската агенда, дигитализацијата, образованието и правосудството. Посочи дека во извештајот нема оценки за назадување, а во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во ЕУ. Како конкретни резултати ги истакна економскиот раст, намалувањето на невработеноста и реализацијата на реформите.

– Имаме подобар извештај од минатата година. Европската комисија констатира значителен напредок во спроведувањето на нашата Реформска агенда и нè вбројува меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот Инструмент за реформи и раст. Во годинешниот извештај нема ниту една оценка за назадување. Напротив! Во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во Европската Унија, односно во дигиталната трансформација и медиумите, како и во образованието и културата. Минатата година такво подобрување беше забележано во едно поглавје. Овие оценки се поткрепени со конкретни резултати, рече премиерот.

Меѓу првите три земји кога станува збор за европската агенда

Евроамбасадорот Рокас истакна дека ЕУ останува целосно посветена на европската иднина на земјава. Европа, рече тој, се соочува со длабоки геополитички предизвици и проширувањето стана уште постартешки приоритет. Рокас ја потенцира усогласеноста на заедничката надворешна и безбедносна политика на земјава со ЕУ, како и значителното усогласување на законодавството и повтори дека земјава го засилила својот ангажман во Планот за раст и има добри резултати во имплементирањето на реформската агенда, особено во дигиталната трансформација, истражување, наука, образование, но посочи и дека не е постигнат напредок во спречувањето и борбата со корупцијата.

– Овие реформи не се само барања за пристапниот процес, тие се за подобрување на животот на луѓето. Уставните промени договорени во 2022 година, сè уште не се завршени. Ова се обврски преземени од земјата. ЕУ е подрготвена да започне со отворањето на преговорите во моментот кога ќе бидат донесени измените. Ги охрабруваме сите политички актери да работат заедно. Нема причина да се чека за да се спроведат тие промени од кои граѓаните имаат корист. ЕУ ќе остане посветен партнер кој ќе дава политичка, техничка и финансиска поддршка, но на крајот напредокот зависи од работата тука. ЕУ ги препознава вашите напори. Нашата посветеност на вашата иднина останува сеуште цврста и непроменета, евроамбасадорот Рокас.

Рокас рече дека политичките актери и поширокото општество не треба да чекаат за соработка, туку паралелно со реформите треба да се создаваат услови за напредок во пристапниот процес.

Во однос на одвојувањето на Македонија од т.н. фронтранери, евроамбасадорот рече дека одделувањето е само поради фактот дека тие земји веќе имаат пристапни преговори, отвораат и затвораат кластери.

– Но, кога ќе ја погледнеме Северна Македонија, добро знаеме дека Северна Македонија има добро ниво на подготвеност и е меѓу првите три земји кога станува збор за европската агенда, рече Рокас.

Рачна сопирачка

Во најновиот Извештај за напредокот на Македонија, Европската Комисија повторно ги нотира уставните измени како клучен услов за придвижување на евроинтегративниот процес, а борбата против корупцијата останува една од најсериозните слабости на земјата. Во извештајот се посочува дека Македонија продолжува со спроведувањето на Реформската агенда и активно се вклучува во Планот за раст за Западен Балкан, при што е забележан значителен напредок во исполнувањето на дел од реформските обврски. Одреден напредок е постигнат и во реформата на јавната администрација, особено во проширувањето на електронските услуги, додека земјата ја задржува целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ.

Шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски, преку социјалните мрежи истакна дека ваквата усогласеност испраќа силен сигнал за нашиот стратешки избор за членство во Унијата и ја потврдува државата како доверлив партнер. Воедно, вели Муцунски, ЕК нотира дека препораките од минатата година се во голема мера спроведени и дека продолжува активниот политички дијалог со ЕУ за надворешни и безбедносни прашања.

– Оценките на Европската комисија претставуваат уште една потврда за јасната надворешнополитичка ориентација на државата, нејзината кредибилност како партнер на Европската Унија и доследната определба за полноправно членство во Унијата, истакнува министерот.

Во делот на добрососедските односи, Европската комисија повторно инсистира на спроведување на договорите со Грција и Бугарија, со посебен акцент на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и неговиот Протокол. Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на прес-конференцијата во Брисел по повод презентацијата на Пакетот за проширување за 2026 година, изјави дека земјава во последниот период ги забрзала реформите во рамките на Планот за раст и вложува значителни напори за подобрување на подготвеноста за членство во ЕУ. Сепак, таа посочи дека се очекува дополнителен напредок во борбата против корупцијата и спроведувањето на реформата на јавната администрација.

– Во однос на усогласеноста со законодавството на ЕУ, Северна Македонија е меѓу земјите со највисоко ниво на подготвеност. За да ја деблокира следната фаза од пристапните преговори и да го отвори кластерот „Темели“, односно првиот кластер, земјата треба да ги усвои уставните измени договорени во 2022 година со ЕУ, кои се однесуваат на вклучувањето на малцинствата – изјави Кос.

Таа нагласи дека без исполнување на овој услов, Европската комисија не може да му предложи на Советот на ЕУ почеток на преговори.

– Сè уште е повлечена рачната сопирачка на пристапните преговори на Северна Македонија – рече Кос, посочувајќи дека политичките одлуки се клучни за напредокот на секоја земја кандидат.

Итен бран на проширување

Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, пак, порача дека поголема ЕУ значи зајакнување на европската безбедност, зголемување на геополитичката тежина на меѓународната сцена и нови можности за економиите.

– Нашата сила е во бројноста. Поголема Унија значи и зајакнување на безбедноста на Европа. Со децении, проширувањето е најуспешната надворешнополитичка политика на ЕУ. Секој бран на проширување го зајакнуваше нашиот континент, а денешната геополитичка реалност го прави следниот бран на проширување уште поитен, рече Калас, нагласувајќи дека извештајот испраќа јасна порака дека реформите носат резултати и дека членството станува поблиску за земјите што остваруваат напредок.

Европската комисија воведе три значајни новини во овогодишниот Пакет за проширување – индикативни патокази за земјите што најбргу напредуваат кон членство, нов модел на постепена интеграција и посилен фокус на безбедносната димензија на проширувањето. Кос најави и дека во првиот квартал од следната година, ЕК ќе почне дијалози за постепена интеграција со земјите кандидати за да се разгледаат постојните мерки и да се истражат понатамошни можности за интеграција.

Оваа година, земјите кандидати се поделени во три групи: четирите земји фортранери (Црна Гора, Албанија, Украина и Молдавија), потоа БиХ, Косово и Македонија, како земји каде што има застој, додека Грузија, Турција и во последната година Србија, Кос ги одвои како земји кандидатки кои заостануваат. Црна Гора, Албанија, Молдавија и Украина се предводници во проширувањето, а Црна Гора е најблиску до членство во ЕУ, со јасно утврден пат кон потпишување на пристапниот договор до следното лето.(В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ