петок, ноември 6, 2026
Дома МАГАЗИН Расел Бренд прогласен за виновен за силување и сексуални напади

Расел Бренд прогласен за виновен за силување и сексуални напади

0
EPA/HERBERT NEUBAUER

Британскиот актер и комичар е прогласен за виновен за силување на една жена и за сексуални напади врз три други жени. Казната ќе му биде изречена во понеделник, на 9 ноември.

По четиринеделно судење, поротата во лондонскиот Кралски суд „Саутворк“ (Southwark Crown Court) го прогласи Расел Бренд (51) за виновен по четири точки од обвинението. Лондонската полиција соопшти дека, во текот на истрагата, истражителите собрале искази од над сто сведоци и разгледале илјадници документи. Одлуката на поротата за негова вина била едногласна.

Судијата Џоел Бенатан наведе дека за Бренд се очекува значителна затворска казна. Тој го одби барањето на одбраната Бренд да остане на слобода до изрекувањето на пресудата, наведувајќи опасност од бегство, по што актерот беше ставен во притвор.

Истовремено, Бренд беше ослободен од обвиненијата за уште две дела на силување и едно дело на обид за сексуален напад. Во текот на целата постапка, тој ги негираше обвиненијата, тврдејќи дека никогаш никого не принудил на сексуални односи.

Осудата за силување се однесува на напад врз обожавателка во 2009 година. Останатите точки за кои е прогласен за виновен вклучуваат сексуални напади врз жена во лондонски бар во 2004 година; врз друга жена во радио станица во 2004 или 2005 година; како и врз жена за време на снимање промотивен материјал во 2009 година.

Претставникот на обвинителството, Дејвид Робертс, изјави дека жените не се познавале меѓусебно, но дека доказите покажале оти Бренд ја искористил својата растечка слава и моќ за сексуално искористување на жени.

Полицискиот службеник Енди Фарфи ја пофали храброста на жените кои ги пријавиле нападите и повторно ги преживеале своите трауматични искуства во текот на правната постапка. Тој истакна дека оваа пресуда треба да послужи како потсетник дека славата и моќта не ставаат никого над законот.

Полицијата исто така потврди дека продолжува со истрагата за уште две обвиненија за силување против Бренд.

ИЗДВОЕНИ