Тренерот на Панатинаикос, Ергин Атаман, бурно реагираше по казната изречена за претседателот на клубот Димитрис Јанакопулос, кој доби суспензија од три натпревари и парична казна од 10.000 евра.
Со оваа одлука на Евролига, Јанакопулос би можел да биде отсутен дури и од Фајнал-фор турнирот, кој треба да се одржи во ОАКА арената во Атина, доколку Панатинаикос обезбеди пласман.
Грчкиот гигант е на чекор до завршницата, откако води со 2-0 во серијата против Валенсија, а следните натпревари ги играат на домашен терен.
Јанакопулос беше санкциониран поради однесување на вториот натпревар во Валенсија, каде што реагираше кон судиите поради, како што смета, недосудени прекршоци.
Атаман јавно застана во негова одбрана и испрати силна порака.
- Имам голема почит кон луѓето кои покажуваат страст и зборуваат директно. Димитрис само реагираше на одлуките на судиите, како што е наведено во извештајот. Никој нема право да зборува за него и неговото семејство, изјави турскиот стратег.
Тој додаде дека е неприфатливо Јанакопулос да биде спречен да присуствува на Фајнал-фор турнирот на сопствен терен, нагласувајќи дека „ваквите одлуки се неправедни“.
Целиот случај дополнително ја подгреа атмосферата во Евролигата, каде што тензиите растат во пресрет на завршницата од сезоната.











