Германскиот новинар Флоријан Кениг (59) откри дека намерно избегнува да прашува за здравствената состојба на својот долгогодишен пријател и легендарен Формула 1 возач, Михаел Шумахер, почитувајќи ја приватноста на неговото семејство.
Кениг, кој со години известува од светот на Формула 1, во интервју за „Билд“ призна дека никогаш не разговарал на оваа тема ниту со сопругата на Шумахер, Корина, ниту со неговиот син, Мик, ниту со неговиот брат, Ралф.
- Не прашувам за состојбата на Михаел. Дури и да дознаам нешто, би го задржал тоа за себе. Мојот однос со семејството Шумахер и со Михаел едноставно ми е премногу важен – порача германскиот новинар.
Тој нагласи дека целосно ги разбира милионите навивачи што сакаат да дознаат како е нивниот идол, но смета дека само семејството има право да одлучува кои информации ќе бидат споделени со јавноста.
Кениг се потсети и на посебните моменти од пријателството со седумкратниот светски шампион, особено на 1996 година, кога пристигна во Ферари. Тој никогаш нема да го заборави моментот кога Германецот првпат го облече познатиот црвен комбинезон на италијанскиот тим, што го опиша како историски настан.
- Бевме на тестирањата во Есторил, во периодот кога преоѓаше Михаел во Ферари. Сè уште не му беше дозволено да го облече црвениот тркачки комбинезон, бидејќи сè уште имаше важечки договор со Бенетон. Дури третиот или четвртиот ден од тестирањето доби дозвола да го облече. Го прашавме дали можеме да го снимиме моментот кога првпат ќе го облече црвениот комбинезон. Во тој мобилен дом бевме само јас, нашиот снимател Оли, еден асистент и Михаел. Би сакал повторно да го доживеам тоа, бидејќи тогаш бев толку млад и неискусен, што не успеав целосно да го врежам тој момент во сеќавање. Кога ќе се осврнам наназад, го гледам тоа како историски и прекрасен момент – рече тој.
Новинарот откри и дека имал исклучително близок однос со покојниот Ники Лауда, кого го сметал за голем пријател и советник.
Инаку, Шумахер доживеа тешка несреќа на скијање на француските Алпи, во декември 2013 година, по што се здоби со сериозни повреди на мозокот. По долг период во медицински индуцирана кома, во 2014 година беше префрлен на домашно лекување. Оттогаш семејството строго ја чува неговата приватност, а за неговата актуелна здравствена состојба нема официјални детални информации. Корина уште во документарниот филм на „Нетфликс“ од 2021 година порача дека е „тука“ Михаел, но дека е поинаков, нагласувајќи колку многу им значи неговото присуство.











