Македонското еколошко друштво (МЕД) и официјално го започна меѓународниот проект „Целосно обновување на популацијата на белоглавиот мршојадец на Балканскиот Полуостров и создавање одржливи капацитети за негова долгорочна заштита низ целиот регион“.
Почетокот беше одбележан на вчерашната средба со претставници на релевантни институции во Демиркапискиот Регион.
– Оваа приказна не почнува сега, туку се темели на долгогодишните напори за мониторинг и зачувување на популацијата на белоглавите мршојадци во Македонија која во осумдесеттите години на минатиот век броела околу 40 гнездечки парови – истакна Методија Велевски, заменик-директор на МЕД, потсетувајќи дека труењето е клучната причина што довела до истребување на два од четирите вида мршојадци што летале над македонската територија.
Координаторот на проектот во МЕД, Славе Накев, накусо претстави како се предвидува да течат активностите во следните шест години и подвлече дека успешното спроведување на ваков голем потфат бара континуирана и посветена соработка на сите засегнати страни на национално и локално ниво, како и градење и одржување на државните капацитети за справување со случаите на труење кои треба да се третираат како кривични дела.
Според Јован Андевски од швајцарската Фондација за заштита на мршојадците, која ќе го води и координира спроведувањето на проектот, овој проект е од огромно значење за државата.
– Ваков проект досега не е спроведен за ниту еден вид во земјава. На меѓународно ниво има бројни вакви успешни приказни кои јасно потврдуваат дека најважниот фактор за заштита на мршојадците се токму луѓето, а особено локалното население и сточарите со кои овие птици се многу тесно поврзани – нагласи Андевски.
По дискусијата, учесниците се упатиле во организирана посета на Демиркапискиот Регион, до едно од ретките останати јадра за гнездење на мршојадците во Македонија каде што постојат одлични услови за поставување хранилиште.
Кофинансиран од Европската Унија, овој партнерски проект, покрај Македонското еколошко друштво (МЕД), ги поврзува Грчкото орнитолошко друштво, Универзитетот на Крит – Музеј за природна историја, Агенцијата за природна средина и климатски промени од Грција и Фондот за дива флора и фауна од Бугарија.












