вторник, јуни 16, 2026
Дома СКОПСКА Фонтаната „Лотосов цвет“ повторно блеска од убавина

Фонтаната „Лотосов цвет“ повторно блеска од убавина

509

Некогаш најфотографираното катче во срцето на Скопје, создадено во 70-тите години од минатиот век, овој препознатлив симбол на чистота и убавина, „Лотосов цвет“, денес повторно блеска.

По години запуштеност и заборав, Град Скопје целосно ја обнови оваа фонтана, а просторот околу неа е уреден. Притоа, поставена е нова урбана опрема и модерно осветлување.

– Ова е враќање на едно чувство, на едно место што обединува генерации, каде што се раѓале првите љубови и каде што секој чекор носи своја приказна и секој агол чува дел од нечија младост. Нека „Лотосов цвет“ повторно биде место за средби, за насмевки, за уживање и за нови спомени – порача скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека ова катче повторно ќе заживее, полно со луѓе и енергија.

На местото на фонтаната, пред нејзината изградба, имало мочуриште, полно со убави бели цветови. И токму оттаму потекнува инспирацијата за проектантот, лотосовиот цвет. Фонтаната „Лотос“ е дело на архитектката Мирјана Милановиќ-Волињец (1938 – 1982), која работела во Заводот за урбанизам и архитектура Скопје. Уште пред нејзината реализација, фонтаната се очекувала со големо нетрпение и била најавувана во медиумите како најубава и најрепрезентативна во земјата.

Отворена е на 3 мај, 1971 година, со гламурозна вечерна свеченост на која, покрај проектантот и градските власти, присуствувале и голем број значајни гости, меѓу кои и легендарниот градоначалник на Белград, Бранко Пешиќ, градоначалникот на Атина, англискиот амбасадор во тогашната Југославија, кој свечено ја пресекол лентата, пуштајќи ја во употреба, како и многу други видни гости.

 (А. П.)

ИЗДВОЕНИ